И покрај значителните напори, властите во земјава не ги исполниле минималните стандарди во борбата против трговијата со луѓе поради што С Македонија останува во ТИЕР 2 групата земји, се вели во извештајот на американскиот Стејт департмент за 2023 година. Меѓу препораките што се наведени во него е истакната неопходноста од зголемување на ресурсите на полицијата и обвинителството за проактивна истрага на трговијата со луѓе и навремено гонење на случаите
Владата на Северна Македонија не ги исполнува во целост минималните стандарди за спречување на трговијата со луѓе, но прави значителни напори во таа насока, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за трговија со луѓе за 2023 година.
Македонските власти, се нотира во извештајот, покажале зголемени напори во однос на капацитетите во борбата против луѓе, кои вклучуваат мерки за спроведување на законот, истраги, гонење и судски пресуди за повеќе трговци со луѓе, но земјава, како и во ланскиот извештај на Стејт департментот, останува во ТИЕР 2 групата земји.
„Владата формира Оперативен тим за идентификација на жртвите на трговија со луѓе (OTITV) за официјално да ги препознае потенцијалните жртви и да помогне во координирањето на грижата за жртвите. Владата го усвои Законот за компензација на жртвите на насилен криминал, со кој на жртвите на трговија со луѓе им се обезбеди право на компензација и ги зголеми ресурсите на прифатилиштето за жртви на трговија со луѓе управувано од НВО“,
се наведува во извештајот.
Сепак, Владата не ги исполнила минималните стандарди во неколку клучни области. Овде е нотирано и немањето доволно ресурси за Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за гонење на сите случаи поврзани со овој вид криминал.
„Владата идентификуваше значително помалку жртви, а Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) немаше доволно ресурси за да се справи со сите случаи под нејзина јурисдикција. Некои окружни обвинители не пријавиле потенцијални случаи на трговија со луѓе до ОЈО ГОКК и користеле полесни кривични дела за гонење на трговците со луѓе. Владата го зголеми финансирањето на засолништето, но ова покрива само мал процент од оперативните трошоци на засолништето. Слично на тоа, Владата не додели средства за мобилни тимови кои ги идентификуваат повеќето потенцијални жртви секоја година, и покрај минатите обврски да го сторат тоа. Локалната полиција и некои гранични службеници не ги проверуваа индикаторите за трговија со луѓе и, како резултат на тоа, властите веројатно депортираа некои неидентификувани жртви на трговија со луѓе без упатување до соодветни служби или заштитни мерки за да се спречи повторната трговија со луѓе. Националниот известувач немаше овластување, ресурси и законски мандат систематски да ги следи и оценува напорите за борба против трговијата со луѓе“,
се вели во извештајот.
Лани повеќе истраги
Во врска со истрагите поврзани со трговијата со луѓе, Стејт департментот посочува дека минатата година биле истражувани четири случаи на трговија со луѓе, додека во претходната 2021 година имало само еден. Истовремено надлежните продолжиле со истрагите за седум случаи иницирани и нотирани во претходните извештаи.
„Судовите осудија пет трговци со луѓе, во споредба со еден трговец со луѓе осуден во отсуство во 2021 година. Судиите осудија четворица трговци со луѓе со затвор од четири години и осум месеци до 16 години и еден трговец со 10 месеци затвор. Апелациските судови потврдија четири пресуди и укинаа три пресуди, во споредба со потврдените две пресуди и една укината во 2021 година“,
пишува во извештајот за Северна Македонија.
Сексуална експлоатација и принудна работа
Како и во претходните пет години, извештајот на Стејт департментот нотира дека жртви на трговците со луѓе се домашни и странски државјани кои престојуваат во земјава. Жртви на трговија со луѓе се и македонски државјани во странство.
„Жени и девојки во Северна Македонија се експлоатирани преку сексуална трговија и принудна работа во земјава во ресторани, барови и ноќни клубови. Сексуалните трговци со луѓе регрутираат странски жртви обично од Источна Европа и од Балканот, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Романија, Русија, Србија и Украина. Граѓаните на Северна Македонија и странските жртви кои транзитираат во Северна Македонија се експлоатирани за сексуална трговија и принудна работа во градежниот и земјоделскиот сектор во Јужна, Централна и Западна Европа. Трговците со луѓе, кои често се роднини или блиски пријатели, ги експлоатираат децата Роми преку принудно питачење и сексуална трговија во рамките на принудните бракови“,
се наведува во извештајот.
Во 2021 година, се наведува, тајвански трговци со луѓе регрутирале работници од Тајван со лажни ветувања за работа во Северна Македонија. Жртвите биле присилени на принудна работа, а трговците со луѓе им ги одзеле пасошите, им ги задржале платите и го ограничиле нивното движење, а бил формиран и кол-центар во кој тајванските жртви биле принудувани да вршат измамнички повици.
Препораки
Во извештајот се наведени и препораки за земјата за засилување на борбата против трговијата со луѓе.
„Енергично истражувајте, гонете и осудувајте трговци со луѓе, вклучително и службеници соучесници и барајте соодветни казни, вклучувајќи, доколку е потребно, значителни затворски казни. Доделете доволно ресурси за заштита на жртвите, вклучително и за мобилните тимови за идентификација, засолништето за жртви на трговија со луѓе и за поддршка на специјализирани услуги за возрасни машки жртви. Зголемете ги проактивните напори за идентификација на жртвите на трговија со луѓе и постојано проверувајте за трговија со луѓе меѓу поединци во активности поврзани со проституција, мигранти, бегалци и други ризични популации. Неопходни се повеќе ресурси за полицијата и обвинителството за проактивна истрага на трговијата со луѓе и навремено гонење на случаите“,
се вели во препораките.
Американскиот Стејт департмент препорачува и да се обезбеди сместување за потенцијалните странски жртви на трговија со луѓе во безбедни и соодветни услови и да им се дозволи на жртвите да ги напуштат засолништата по желба.
„Да се овозможи алтернативно домување за жртвите кога засолништето е полно, да се организира напредна обука за судии, обвинители за спроведување на законот за истраги и гонење на трговија со луѓе, да се подобрат механизмите за компензација на жртвите, а националниот известувач да се овласти успешно да ги следи и оценува напорите за борба против трговијата со луѓе“,
се вели во делот со препораки.
ИЗВОР: 360stepeni.mk