Измените на КЗ ја запреа и кривичната постапка за случајот „Траекторија“ – Груевски, Јанакиески и Пешевски нема да одговараат за кинеските автопати

November 3, 2023
3 mins read

На денешното судско рочиште за случајот, обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот, побара повлекување на обвинението против поранешниот премиер Груевски поради настапување апсолутна застареност, а запирање на постапката за другите тројца обвинети поради измените на Кривичниот законик

Измените во Кривичниот законик ја запреа кривичната постапка за случајот „Траекторија“, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Како обвинети во случајот беа ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се гонеа по член 353 од Кривичниот законик за делото злоупотреба на службената положба и овластување, за кое со најновите измени на КЗ се намалени казните и е воведена горна граница, што повлекува застарување на делата.

Меѓу обвинетите во „Траекторија“ беше и експремиерот Никола Груевски кој се гони за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

На денешното судско рочиште за случајот, обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот, побара повлекување на обвинението против поранешниот премиер Груевски поради настапување апсолутна застареност, а запирање на постапката за другите тројца обвинети да запре поради измените на Кривичниот законик.

„Имајќи го предвид предлогот на Јавното обвинителство и измените на Кривичниот законик, Судот донесе решение, се запира кривичната постапка против обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службена положба и овластување, како и обвинителниот предлог против Никола Груевски за кривично дело примање награда за противзаконито влијание“,

рече претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков.

Трошоците на постапката, согласно денешното решение, паѓаат на товар на државата.

Инаку, претходно во септември рочиштето за случајот „Траекторија“ продолжи без ниту од надлежниот обвинител ниту од одбраната да бидат спомнати измените на Кривичниот законик. Обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК), Лиле Стефанова, тогаш не сакаше да даде изјава во врска со прашањата кои произлегуваат од измените на КЗ.

Ваквиот исход за случајот „Траекторија“ веќе беше навестен од невладините организации специјализирани за следење на судските процеси по контроверзните измени на Кривичниот закони кои Владата ги усвои кон крајот на август, а Собранието ги изгласа на 6 септември.

Според обвинението, дејствијата во случајот „Траекторија“ за кои Јанакиески, заедно со поранешниот вицепремиер Пешевски и бившиот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, се гонеше за злоупотреба на службената положба и овластувања биле сторени во периодот од октомври 2012 до октомври 2013, што значи дека минатиот месец се навршиле 10 години од последните дејствија што ги презеле.

Инаку, во однос на експремиерот Груевски, нему Кривичниот суд во ноември 2019 година еднаш му констатира застареност на делото примање на награда за противзаконито влијание во овој случај, но еден месец подоцна Апелацискиот суд одлучи да го врати експремиерот на обвинителна клупа бидејќи според второстепениот суд застареноста била неправилно констатирана.

Со измените на КЗ, меѓу другото, беа опфатени членовите кои се однесуваа на делата злосторничко здружување (член 394) и за злоупотреба на службената положба и овластување (член 353). Со нив законодавецот ги намали пропишаните казни за двете кривични дела, воведена е горна граница на максималната казна, а се укина и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Тоа повлече и порано застарување на делата.

Импликациите од измените почнаа да се материјализираат во судските постапки.  

Основниот кривичен суд Скопје на 17 октомври донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина” за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување поради настапено застарување. Со ова застари случајот за масовното прислушување „Таргет“, а остана да се суди само „Тврдина“, случајот кој се однесува на уништувањето на опрема за прислушување.

Идентичен исход имаше и за случајот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска.

Од кривичен прогон за делото злоупотреба на службената положба и овластување во случајот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски, најверојатно ќе се спаси поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Ваквиот расплет го навести минатонеделното рочиште за „Талир“ откако Обвинителството му предложи на Судот да констатира застареност на ова дело за Миле Јанакиески, согласно измените на КЗ. Тој е на обвинителна клупа и за повеќе други случаи што ги отвори поранешното СЈО, меѓу кои е и случајот „Топлик“ кој Апелацискиот суд неодамна соопшти дека вратил на повторно судење во Кривичен.

Инаку, „Топлик“ е дел од листата на предмети што ја објави невладината Коалиција „Сите за правично судење“ за кои ќе настапи застареност по измените на Кривичниот законик.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Монсанто ќе ти плати, кога ќе биде доцна

Следно

Дали 2.800 осудени лица кои се на слобода, преставуваат опасност за општеството: Лога бара свикување седница на Советот за безбедност

Latest from Blog

Еден месец по смртоносните поплави, Шпанија се обидува да се опорави од големиот степен на уништување

Напорите за опоравување продолжуваат во јужна Шпанија, еден месец по разорните поплави во кои загинаа 230 лица, јавува Анадолу. Во Валенсија, регион најтешко погоден од поплавите на 29 октомври, оштетени беа над

Славески: Советот ја задолжи Арсовска да предложи измени на одлуката за исплата на приватните превозници, но администрацијата ме опструира

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески вели дека Советот по петчасовна расправа на итна вонредна седница со мнозинство гласови донесе заклучок со кој се задолжува градоначалникот Данела Арсовска во најкус

Блокирана е банкарската сметка на ЈСП

Веќе неколку дена е блокирана сметката на ЈСП бидејќи должи за нафта на добавувачот, вели директорот на ЈСП, Драги Кушовски, кој не можеше да ја прецизира точната сума на долгот. Кушовски потврди

Одрони на патот Делчево – Македонска Каменица

Обилниот дожд кој денеска го зафати Пијанечкиот регион попладнево резултираше со нови одрони на патот Делчево – Македонска Каменица. Вечерва одрони се регистрирани на повеќе локации од магистралата А3, а посебно се
Go toTop