На панел дискусија насловена како: „Евро-атлантската безбедносна динамика: Предизвици за НАТО, Европа и процесот на проширување кон Западен Балкан”, што се одржа во организација на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,беше заклучено дека во новиот геополитички контекст, државава треба да ги заштити националните интереси, не напуштајќи ја стратешката цел – членството во ЕУ, а истовремено да се одвива и процесот за зајакнување на билатералните односи со САД.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски посочи дека во свет кој се повеќе е поларизиран, неопходно е да продолжиме да работиме заедно со нашите сојузници и партнери, за да изградиме поправеден, одржлив и траен меѓународен поредок. Потенцираше дека во време на зголемени безбедносни предизвици, се соочуваме и со современи закани, кои вклучуваат хибридни и сајбер напади, дезинформации, вклучително и економска принуда и употреба на енергетските ресурси како оружје, во насока на вршење на притисоци и уценување.
Катерина Јакимовска од Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел, истакна дека живееме во рапидно изменет свет што не е исто од пред неколку недели.
„Исклучително интензивната прес-конференција во овалната соба минтата недела, ни расчисти определени дилеми кои се отворија за време на Минхенската безбедносна конференција по говорот на потпретседателот на САД Џеј Ди Венс – САД повеќе не сакаат да бидат сојузник на ЕУ. Останува на Унијата по овој студен туш брзо да делува и да ги консолидира своите позиции. Во спротивно, ризикува да стане маргинален актер во новиот глобален поредок. Јасно е дека новите геополитички промени наметнуваат и репозиционирање на земјите во регионот, особено по континуираните разочарувања во однос на европската интеграција. Каде е Балканот во оваа сложена рамка – улогата на надворешните актери се одложената европска перспектива отвара празнини кои надворешните актери ќе побрзаат да ги пополнат. Сакам да потсетам како дел од регион кој е дел од историски ревизионизам, не можеме да бидеме сигурни чија идеја ќе се разбуди и ќе биде поддржана“, рече Јакимовска.
Деканот на Филозофски факултет при УКИМ Оливер Бакревски истакна дека новите геополитички настани и целокупната состојба укажуваат на тоа дека генерално денеска државите не може да бидат единствен гарант на својата безбедност, тоа значи дека државите се упатени на повисок степен на соработка. Според него, тоа налага да се има јасен покохерентен пристап, бидејќи новата реалнсот укажува дека државите се предодредени заедно едни со други да соработуваат и да ги надминуваат овие безбедносни предизвици.
Официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер Даниел Браун, рече дека победникот на изборите во Германија, лидер на Демохристијаните (ЦДУ), Фридрих Мерц, по инцидентот во Овалната соба минатата недела кажал дека имаме погрешен впечаток кој е агресор, а кој е жртва во судирот меѓу Русија и Украина.
Според Браун, Германија е посготвена да преземе поголема одговорност во новите геополитички случувања, и сака да ги праша другите партнери од ЕУ и НАТО да го сторат истото.
„Патоказот на иднината е тој. Можеби од овој шок и беше тоа шок, Германија првпат во историјата вели дека ќе направи се што може да се земе од буџетот за да се инвестира, бидејќи според нашиот Устав имаме ограничувања во јавните трошоци и значи имаме поинакви проблеми од другите земји на ЕУ. Европа и Германија се силна економска сила, а со новите царини со кои се соочуваме од САД, тоа ќе биде еден повик за обединување, за заеднички ставови, за соочување со сите овие предизвици. Можеби оваа нова ситуација ќе ни даде сила, моќ да ги надминеме билатералните прашања“, рече Браун.
Во однос на регионот, Браун смета дека е дел од Европа кој уште зависи од НАТО и од САД.
Марјан Ѓуровски, професор на Филозофскиот факултет при УКИМ смета дека во однос на геополитичките промени, потребно е отворање дијалог на власта и опозицијата и консултации со академската заедница, со цел да се разговара за македонска надворешна политика и оти е потребно да се остават партиските разлики и поделба, бидејќи, вели, ќе се носат вонредни одлуки за Европа и светот, а со тоа и за нас.
„Македонски национален интерес е стратешкото партерство со САД и од тука треба да тргнуваме и да се навраќање кога е потребно. За нашата безбедност и развој во наредните години, императив треба да биде стратешкото партнерство со САД, и да учествуваме во процесите на интеграција во ЕУ и Европа особено во областа на економијата, трговијата, безбедноста и одбраната. Ние сме дел од Европа нема што дополнително да потврдуваме и да велиме дека со прифаќање на американската резолуција за Украина во ОН сме ја промениле политика. Донесената одлука е суверено право на македонската држава. Ние територијално, културолошки припаѓање на Европа и таа определба е јасна во најголемиот дел политички субјекти. Но мораме да ги задржиме трансатланските односи пред се со нашиот стратешки партнер САД и дури да се зајакнат преку различни форми како што се прави, рече Ѓуровски.
Тој вели дека ние не сме тие кои ќе и одредиме на Америка каква ќе биде американската политика.
„Трамп доби мандат да ја води американската надворешна политика. Во услови на криза на глобалната моќ денес моќта е кај Трамп и со него сите треба да разговараат, Европа ако сака може да избере да го раскине бракот од интерес во делот на безбедноста и одбраната, но има повеќе пакети и гаранции кои ќе создадат безбедносен вакуум и загрозување. Примирјето во Украина е императив. Поблиски сме до мир денеска, повеќе страни се заинтересирани за мир во Украина. Ставовите се различни за условите, но едно е важно имплементацијата на мирот не е можна без американски гаранции“, рече Ѓуровски.
Васко Наумовски професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“, рече дека Македонија треба да води води една поавтономна долгорочна политика, со внимателност и во односите со државите од ЕУ и во односите со ЕУ како структура и истовремено да ги задржи добрите билатерални односи со САД и истите да ги продлабочиме.
Наумовски нагласи дека останува дилемата ‘колку процесот на проширување е на агендата на ЕУ во овој момент, особено во контекстот кога се прави огромен напор за постигнување пошироко и поцврсто европско единство’. Наумовски оцени дека е потребен консензус и национално единство во однос на надворешно-политички прашања.
ИЗВОР: racin.mk