Во просториите на Општина Прилеп се одржа крводарителска акција организирана во соработка со Општинската организација на Црвениот крст – Прилеп и Институтот за трансфузиона медицина.

На акцијата учествуваа над шеесетина граѓани кои со својата хуманост уште еднаш ја покажаа подготвеноста да помогнат каде што е најпотребно. Градоначалникот Дејан Проданоски лично се приклучи на иницијативата, истакнувајќи дека крводарувањето е еден од најблагородните гестови со кои директно се спасува човечки живот.

Во рамки на акцијата, заедно со претставниците на Црвениот крст – Прилеп, беа доделени признанија и благодарници на повеќекратните крводарители од Општина Прилеп кои дарувале крв повеќе од 10, 25 и 50 пати. Посебно признание доби сограѓанинот Живко Ангелески кој крв дарувал дури 100 пати.
„Нивната хуманост, солидарност и несебичност се пример што заслужува искрена почит и благодарност. Апелираме и до младите да се приклучат кон идните хумани мисии и да станат дел од семејството на крводарители, затоа што со едно дарување може да се спаси нечиј живот“, истакна Проданоски.
Хуманоста и солидарноста се вредности по кои Прилеп отсекогаш бил препознатлив, а ваквите акции го потврдуваат нивниот значај за заедницата.


