Говорот на Нетанјаху пред американскиот Конгрес е полн со нереални и контрадикторни изјави

5 mins read

АНКАРА (АА)

– Мехмет АЛАXА / Бекир АЈДОГАН

Во говорoт пред американскиот Конгрес израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обиде да го прикрие масакрот што се случува пред очите на светот веќе девет месеци, тврдејќи дека „не убиле речиси ниту еден цивил“ во градот Рафа во Појасот Газа, каде што во бруталните израелски бомбардирања од 7 октомври 2023 година досега се убиени речиси 40.000 Палестинци, известува Анадолу.

Нетанјаху, во својот говор пред американскиот Конгрес, се обиде да ги скрие масовните убиства што ги изврши Израел, иако во бомбардирањата и гранатирањата се убиени 39.145 Палестинци и ранети се 90.257 во нападите врз Појасот Газа од 7 октомври досега.

Спротивно на изјавите на Нетанјаху, во израелските напади досега се убиени речиси 40.000 Палестинци, од кои најмалку 16.172 деца и 10.798 жени.

Појасот Газа е претворен во урнатини од бомбардирањата и гранатирањата насочени кон болниците и образовните институции во кои се засолнија цивилите, при што е уништена и цивилната инфраструктура. Во бруталните израелски напади не се убиени само палестински цивили туку и стотици хуманитарни работници, меѓу кои има и голем број од Запад.

Кетрин Расел, извршна директорка на Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), изјави дека Израел уби најмалку 278 хуманитарни работници и додаде:

„Ова е рекорден број. Другите хуманитарни работници или биле загрозени или спречени да ја извршуваат својата работа.“

– Во Рафа нема момент без смртен случај

Нетанјаху тврдеше дека „речиси ниту еден цивил не го загубил животот“ во јужниот град Рафа, каде што се засолнија цивилите што бегаа од нападите врз Газа и постојано беа жртви на масовни масакри.

Сепак, големиот напад што Нетанјаху сакаше да го изврши врз Рафа беше ограничен поради меѓународните реакции и загриженоста на американскиот претседател Џо Бајден, кој беше во изборна трка.

И покрај тоа, на 7 мај израелската армија изврши копнен напад врз градот Рафа на југот на Појасот Газа, каде што се засолнија раселените Палестинци, окупирајќи ја палестинската страна на граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа, а по затворањето на премините 100.000 Палестинци беа раселени, а секој ден беа убиени на десетици цивили, меѓу кои имаше и жени и деца.

На пример, убиството на 35 Палестинци во рок од 24 часа од почетокот на израелските напади врз Рафа јасно го покажа обемот на масакрот што го претрпеа Палестинците во Рафа, кои постојано беа раселувани и бегаа од бомбардирањата и гранатирањата.

Повторно, според податоците објавени на 28 мај, во градот Рафа, за кој израелската армија тврдеше дека е безбеден, во период од 48 часа беа убиени 72 Палестинци во нападите врз шаторите во кои беа сместени раселените Палестинци.

И покрај меѓународните реакции, немаше ниту еден ден да не биде убиен некој цивил во израелските напади врз Рафа, место каде што на миграции беа принудени стотици илјади раселени Палестинци, вклучително и деца и жени.

– Повеќе од еден милион луѓе се соочуваат со глад и смрт

Иако Израел го блокираше влегувањето на помош во Газа и палестинскиот народ го остави без храна и вода, Нетанјаху тврди дека „во Газа бил дозволен влез на храна од 3.000 калории по лице, а Хамас ја украл оваа помош“.

Сепак, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Светската програма за храна (СПХ) ги негираа изјавите на Нетанјаху, посочувајќи дека повеќе од еден милион луѓе, што е половина од населението во Газа, ќе се соочат со глад и смрт.

Всушност, според УНИЦЕФ, девет од 10 деца во Газа се соочуваат со сериозен недостиг на храна.

Во последната изјава на ОН, објавена на 11 јули, беше наведено дека приближно половина милион луѓе во Појасот Газа, кој е цел на израелски напади, се соочуваат со „катастрофално ниво“ на глад.

Поради деветмесечните напади врз Појасот Газа, 100.000 Палестинци постојано се раселуваат, изложени се и на суров живот во шатори, при што пристапот до храна е многу ограничен.

И покрај тоа што во медиумите и меѓународните извештаи беше наведено дека Израел го блокирал влегувањето на помошта во Газа уште од почетокот на нападите, влезот на помошта во храна беше суспендиран откако армијата го нападна градот Рафа и го окупира граничниот премин.

Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) на 15 јуни објави дека на 50.000 деца им е потребно лекување поради акутна неисхранетост во Газа, каде што Израел не дозволува да влезе помош.

– Нетанјаху сите ги нарече „идиоти“, вклучително и граѓаните од Запад

Во својот говор Нетанјаху ги опиша демонстрантите што протестираа пред зградата на Конгресот како „идиоти што ги користи Иран“ и тврдеше дека оние што протестираат против него се „финансирани од Иран“.

Меѓутоа, веќе и во Израел се одржуваат редовни масовни демонстрации против Владата на Нетанјаху во знак на поддршка на семејствата на заробените Израелци во Газа, а бројот на лица што учествуваат во овие антивладини протести надминува 100.000.

Со месеци речиси секоја недела се одржуваат демонстрации во многу градови низ Израел, особено во главниот град Тел Авив. На демонстрациите присуствуваат и опозициските лидери и роднините на заробениците. Повремено демонстрантите дури прават и обиди за упад во зградата на Парламентот во Западен Ерусалим.

Вашингтон, Њујорк и голем број главни градови низ светот се меѓу местата на кои се одржуваат демонстрации со барање за прекин на масакрот во Газа. Стотици илјади луѓе што излегоа на улиците да реагираат против израелскиот масакр беа изложени на навреди во обраќањето на Нетанјаху пред американскиот Конгрес.

– Не го ни спомена прекинот на огнот

Може да се забележи дека во неговиот говор, кој траеше еден час, Нетанјаху не даде ниту една изјава во врска со индиректните преговори за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, кои траат со месеци и на кои се разговараше за предлозите на САД.

За разлика од Хамас, предмет на критики беше неуспехот на Израел јасно да одговори на предлогот во три фази за прекин на огнот во Газа објавен од американскиот претседател Џо Бајден, кој беше прифатен од Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).

Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху не сакал прекин на огнот поради „политички опстанок“, но поради притисокот од Бајден, тој го одолговлекува процесот наместо да го заврши.

– Анализите го побија обидот на Нетанјаху пред американскиот Конгрес да ја прикаже поддршката за Израел

Во својот говор Нетанјаху тврдеше дека „огромно мнозинство Американци го поддржуваат Израел“, но анкетите го покажуваат спротивното.

Во последното истражување спроведено на 10 јули од американската истражувачка компанија Галуп се наведува дека 48 % од Американците се против нападите на Израел врз Газа, а 42 % се оние што ги поддржуваат нападите.

Во истражувањето на Галуп, во кое се бара мислење на Американците за нападите на Израел врз Газа од 1 до 20 март, 55 % од учесниците не ги одобриле нападите на Израел.

Во истражувањето што Асошиејтед прес (АП) го спроведе со Центарот за односи со јавноста НОРЦ и беше објавено на 4 март, 67 % од анкетираните изјавиле дека не ја одобруваат политиката на Бајден за израелската окупација на Газа во текот на неговиот претседателски мандат.

– Тој ги оспори меѓународното право и институциите

Израелскиот премиер Нетанјаху, исто така, во врска со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, кој поднесе барање за издавање „налог за приведување“, во своето обраќање истакна дека МКС „се обидува да им стави лисици“ нему и на министерот за одбрана Јоав Галант за израелските напади врз Газа и дека „следна е Америка“.

Израел, кому и понатаму му се суди под обвинение за „геноцид“ пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), прогласен е за окупаторска сила во Газа, но и окупатор и во Источен Ерусалим и на Западниот Брег.

Посочувајќи дека израелските политики за населување на окупираните територии ја прекршуваат Женевската конвенција, МСП истакна дека практиките на анексија во палестинските територии се „незаконски“.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

НБА тимот од Лас Вегас ќе биде најскапата спортска франшиза во Америка

Следно

Првата пештерска џамија во Анадолија отворена за посетителите

Latest from Blog