Германија го критикува Израел дека „не ги исполнува ветувањата“ за помошта во Газа

November 11, 2024
2 mins read

БЕРЛИН (АА) – Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денес го критикуваше Израел затоа што не дозволува влез на доволна хуманитарна помош во Газа, известува Анадолу.

„Никогаш во последниве 12 месеци не е доставена толку малку помош за Појасот Газа како сега. Голем дел од над 2 милиона луѓе страдаат од акутна неисхранетост и живеат во незамисливи услови“, рече Баербок во изјавата за печатот.

„Правото на Израел на самоодбрана е во границите на меѓународното хуманитарно право. Ова значи дека хуманитарниот пристап мора да биде одобрен во секое време и никогаш не смее да стане средство за војување. Повторно и повторно имаше ветувања што не беа исполнети“, додаде таа.

Баербок го повика Израел да ги отвори сите гранични премини кон Газа за хуманитарната помош.

„Пред зимата ништо не е поитно од тоа заложниците конечно да бидат ослободени и помошта во вид на храна, вода, лекови, средства за хигиена, шатори – конечно да стигне до жителите на Газа. За ова е потребно отворање на сите гранични премини во Газа за хуманитарната помош“, рече министерката.

„Потребна е целосна соработка од сите страни со Обединетите нации и хуманитарните организации за да се создадат сигурни и безбедни патишта за испорака на помош. Тешките борби мора конечно да престанат и сериозно да се работи на прекин на огнот. Затоа што без прекин на огнот, умирањето нема да престане, страдањето нема да заврши“, додаде таа.

Германија постојано ја нарекува „драматична“ ситуацијата со помошта во Газа, повикувајќи го Израел да ги подобри хуманитарните услови во енклавата откако изби војната со Хамас на 7 октомври 2023 година.

Според најновите процени на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), речиси 2 милиона луѓе се внатрешно раселени во Газа, а населението се соочува со огромен недостиг на храна, вода и лекови.

Во северниот дел на Газа едномесечната обновена офанзива и засилената опсада доведоа до катастрофални услови, при што се проценува дека 100.000 луѓе целосно се лишени од хуманитарната помош.

Во октомври Израел го намали бројот на камиони со хуманитарна помош и дозволи во Појасот Газа дневно да влезат само 30, изјави минатата недела шефот на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

„Сега е доставена најмала помош, што се враќа на нивото на доставена помош на почетокот на војната“, рече Филип Лазарини на социјалната мрежа X.

Од почетокот на војната Израел ги затвора граничните премини во Газа, наметнувајќи значителни ограничувања за хуманитарната помош и создавајќи тешки услови за живот.

Лазарини нагласи дека овие 30 камиони дневно „не можат да ги задоволат потребите на над 2 милиона луѓе, од кои многумина се гладни, болни и во очајни услови“.

Тој истакна дека овие камиони „сочинуваат само 6 отсто од помошта (комерцијална и хуманитарна) дозволена во Газа во периодот пред војната“.

Израел продолжи со разорната офанзива врз Газа по нападот од Хамас минатата година и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.

Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 43.600 луѓе, главно жени и деца, а над 102.900 се повредени.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите дејства во Газа.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Мицкоски: Се додека сум премиер, проблемите ќе се решаваат

Следно

СДСМ: Мицкоски сака да го партизира судството, прв на листата беше сопартиецот на Меџити

Latest from Blog

Трамп изјави дека не е загрижен за напади поддржани од Иран на американско тло

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е загрижен за напади поддржани од Иран на американско тло, додека Федералното истражно биро (ФБИ) предупредува на ирански дронови кои потенцијално би можеле да го

Почина Кирил Поп Христов – Кили

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Кирил Поп Христов – Кили почина на 58 годишна возраст. Кили починал на Еквадор каде живееше долги години. Таму се пресели во 2014 година Христов дипломира

Најдени се предмети кај судијата Ѓоко Ристов кои не ги чепкал до истекување на роковите?

Судскиот совет има сериозни сомнежи за несовесно и нестручно постапување на судија од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што довело до апсолутна застареност на предмети. Дел од предметите

Валверде:“Неверојатно! Секогаш сонуваш за вакво нешто!“

ФОТО:facebook.com/RealMadrid/ Играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Федерико Валверде, имаше свој коментар по неговиот феноменален настап против Манчестер Сити. Уругваецот постигна хет-трик против „граѓаните“ во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата
Go toTop