Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината – така се карактеризира соопштението од политичката партија СДСМ која се обидува редовна и навремена набавка која се спроведува години наназад и се однесува на потребите на Армијата и СИТЕ угостителски објекти на Министерството и Армијата, вклучувајќи го и Домот на Армијата, авто камповите во Дојран и Охрид, како и Хотелот „Шар“ на Попова Шапка, да ја претстави во сосема поинакво светло. Првенствено, треба да се има предвид дека набавеното кафе и пијалоци во угостителските објекти кои се од отворен карактер за граѓаните, се во слободна продажба, а приходот од продажбата повторно влегува во македонскиот буџет, реагираат од Министерството за одбрана на соопштение на опозициската СДСМ.
Впрочем, имајќи предвид дека последните седум години со Министерството раководеа кадри на оваа политичка партија, кои ги правеле ИСТИТЕ набавки, се поставува прашањето – дали тие не знаеле што прават, дали се „луксузирале“ со народните пари или сега се обидуваат да стават сомнеж на функционирањето и побарувањата од не било која, туку најценетата и најпочитуваната институција во државата – македонската Армија?
Фактите се следни:
Набавката на кафе и алкохолни пијалоци е спроведена во јавна и транспарентна постапка. Целата документација, вклучително и тендерската документација, договорите и одлуките се јавно достапни на Порталот за јавни набавки и секој граѓанин, новинар или институција може слободно да направи увид, анализа и споредба со набавките од претходните години.
Набавката се однесува на угостителски објекти од отворен тип, кои се користат во рамките на протоколарни, воени и меѓународни активности, а не за „удобност“ на министри, како што лажно се тврди.
Години наназад е спроведена ИСТА ТАКВА НАБАВКА, која оваа година (во споредба со 2023 година) е со многу помали количини, на пример: ставката за алкохолни пијалоци е намалена од 50 до 88 проценти, а жестоките алкохолни пијалоци кои претходно биле набавувани се целосно отстранети.
Сумата на договорот во 2025 година е намалена за 15 проценти во споредба со 2024 година и за речиси 40 проценти во споредба со 2023 година.
Прашањата кои се поставуваат се логични: Или раководството од СДСМ кое го предводело Министерството не знаело што работи и што набавува или политичката партија влегува во едно црно сценарио во кое се обидува да ја вметне и македонската Армија.
Ги повикуваме сите медиуми да не ги земаат предвид ваквите дезинформации кои се пласираат во јавноста особено од страна на политички партии. Борбата со дезинформациите и манипулацијата со фактите е нешто против кое треба сите заедно да се бориме вклучувајќи ги и политичките партии, а не тие да потекнуваат токму од овие кујни.
Се работи за македонските граѓани и за Македонија и токму затоа не смееме да дозволиме граѓаните да бидат излажани, реагираат од ресорното министерство на изнесените лаги од страна на опозицијата.
Извор: kurir.mk