ЕУ сака да ги седне на иста маса Македонија и Бугарија, Мицкоски го шири спорот

May 24, 2025
4 mins read

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, оцени денес дека има простор да се надминат пречките и да се одблокира евроинтегративниот процес на Македонија. По  денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски во Владата таа додаде дека не би навлегувала во детали сѐ додека нема придвижување.

„Јасно е дека сакаме Северна Македонија навистина да се придвижи по овој пат. Знаеме дека има пречки и денеска дискутиравме за да можеме да изнајдеме механизми за да се надминат овие пречки. Премиерот може подобро да ги објасни неговите идеи, но сметам дека има простор каде што можеме да направиме нешто. Не би навлегувала во детали, доколку се придвижиме, тогаш тоа ќе го објавиме пред медиумите“, изјави Калас на заедничката прес-конференција со Мицкоски.

Прашана зошто за членството на Македонија во ЕУ нема план Б, како што е случај со Украина, Калас одговори дека засега фокусот е на планот А.

„Ние се фокусираме на план А и се обидуваме планот А да профункционира. Сѐ уште се надеваме дека планот А ќе профункционира, доколку не, тогаш ќе поминеме кон следната фаза“, рече Калас.

Одговарајќи на прашањето, колку неинтеграцијата на Западниот Балкан е безбедносна закана, таа вели: „Ако ја видиме поголемата светска слика, јасно гледаме дека има разлика во големите сили, тектонски промени. Западен Балкан секако се дел од Европа и за нас е важно да бидеме целосно интегрирани. Тоа овозможува да се намалат тензиите во реонот на Западен Балкан, така што тоа е и безбедносно прашање“.

Таа повтори дека државата треба да ги заврши веќе преземените обврски и да направи сѐ за да профункционира веќе договорениот план А со ЕУ. 

„Патот до членството не е лесен, но останете на тој правец, преземете ги чекорите кои водат до пристапните преговори, а ние како ЕУ ќе и даваме поголема поддршка на Северна Македонија, без разлика дали станува збор за владеењето на правото, борбата против корупцијата или модернизирањето на јавната администрација. Напредокот може да е брз само ако за тоа има политичка волја. Ние веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобар рецепт за мир во регионот“, изјави Калас.

Таа ги пофали напорите на земјава во остварување на реформската агенда, а земјава ја нарече сигурен партнер за регионалната безбедност затоа што успешно ги усогласила македонските закони со европските во областа на безбедносната политика.

Премиерот  Мицкоски повтори дека евроинтеграциите треба да се темелат на европски вредности, а не на билатерални прашања. Тој рече дека европската интеграција останува јасна определба на актуелната влада, но побара поголемо разбирање од европските земји членки за ситуацијата во која се наоѓа државата на тој пат.

„Ние припаѓаме во ЕУ затоа што со децении градиме општество со демократски вредности, вложуваме, се жртвуваме, со надеж дека трудот ќе биде препознаен. Ние сме подготвени, ЕУ може да смета на нас, но сега е време и ние да сметаме на ЕУ. Имаме право од појасна потврда од самата ЕУ, оти не сите земји се однесуваат во европскиот дух. Затоа побарав фер третман, побарав Европа да покаже лидерство, да се врати европската верба кај младите, да покажаме дека ЕУ за нас не е затворена, туку жива визија“, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски најави дека е можна средба на маргините на престојниот самит на НАТО во Хаг меѓу највисоките претставници на ЕУ, САД, Бугарија и Македонија, на која би се размениле аргумените за можната деблокада на почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. На таа средба според него ќе присуствуваат претседателката Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев, а покрај нив претседателката на ЕК, Урсула фон Дер Лајен, претседателот на ЕУ Антонио Кошта, високата преставничка за надворешна политика Каја Калас, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и преставници на САД и на некои земји членки на ЕУ. Но, иако Македонија се согласила, нема информација дали се согласила и бугарската страна.Но, образложувајќи што може да се случи и средбата и кој е мотивот за неа, тој рече дека е добро да се разговара и да се слушнат ставовите на двете страни бидејќи можеби има аргументи што не сме чуле од таа страна, па како пример го наведе прашањето – каде исчезнале Македонците од педесетите до шеесетите години во Бугарија?

„Оваа тема се отвори уште за време на посетата на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, за време на самитот на НАТО во Хаг да се одржи билатерална средба со претставници на Бугарија“, кажа Мицкоски.Инаку, самитот на НАТО во Хаг ќе се одржи на 24 и 25 јуни.

За време на посетата на Скопје, предвидено е Калас заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, да учествува на отворањето на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година.

Овој дијалог, според Министерството за надворешни работи и трговија, „претставува важен чекор во продлабочувањето на соработката меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во областа на надворешната и безбедносната политика, како и во понатамошната интеграција на земјата во европската безбедносна архитектура“.

Високата претставничка Калас и министерот за одбрана Мисајловски ќе го посетат и седиштето на Балканската медицинска наменска сила во касарната „Илинден“, каде што ќе се сретнат со членовите на Постојаната организација на Балканската медицинска наменска сила (БМНС) и ќе видат дел од опремата набавена од страна на БМНС со поддршка на Европскиот мировен фонд.

Од 2023 година, Советот усвои три билатерални пакети за поддршка во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕМФ) за зајакнување на капацитетите на Армијата на Северна Македонија. Со вкупно 38 милиони евра, ЕМФ во моментов ѝ обезбедува на Северна Македонија воена опрема и обука во областа на логистиката, инженерството, разузнавањето, надзорот и извидувањето и електронското војување, мобилноста, комуникациските и информациските системи, медицинската и опремата за обука.

Пред да допатува во Скопје, Калас ги посети Белград и Приштина. Ова е втора посета на Калас на регионот по нејзиното преземање на должноста, откако претходно од 7 до 9 април престојуваше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Автор на текстот е Слободанка Јовановска за Независен.мк

ИЗВОР: racin.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025

Претходно

Федерален судија привремено ја суспендира одлуката на Трамп да му забрани на Харвард да прима странски студенти

Следно

Мицкоски во Охрид, Сиљановска Давкова во Рим по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“

Latest from Blog

Лесно му е на Сити кога го има Халанд!

ФОТО: Manchester City/FB Да. Лесно му е на Манчестер Сити кога во нападот го има “ѕверот“ Ерлинг Халанд. Имено во дербито на десеттото коло од Премиер лигата, Манчестер Сити го пречека Борнмут,

Германската полиција уапси Сириец во Берлин кој планирал терористички напади

Полицијата во Берлин уапси 22-годишен Сириец поради планирање терористички напади во германската престолнина, соопшти денес канцеларијата на државниот обвинител. Повикувајќи се на извори во безбедносните служби, весникот „Билд“ објавува дека 22-годишниот Абдала

Андоновска: Граѓаните низ цела Македонија со голема излезност во вториот круг, изборите фер и демократски

Граѓаните низ цела Македонија, во општините каде што има втор круг во голем број излегуваат на гласање, рече Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ. „Досегашниот тек на изборниот ден, во рамките на вториот круг

Пред српското Собрание почна штрајк со глад мајка на дете загинато во падот на бетонската настрешница во Нови Сад

Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, еден од жртвите изјави дека „останува во штрајк со глад и нејзините бањара се јасни“ „Сите одговорни за падот на бетонската настрешница мора да бидат гонети
Go toTop