Епидемија на недоверба: Граѓаните најмалку им веруваат на судовите, а најмногу на Армијата – покажа истражување на ИКС

December 12, 2023
3 mins read

„Овие бројки на перцепција и на недоверба се една ладна шлаканица за сите нас и мора сите кои учествуваме во јавниот простор да поработиме да ја смениме перцепцијата, заради тоа што таму кадешто има недоверба, всушност имаме пасивизирано општество“, вели директорката на Институтот за комуникациски студии (ИКС), Жанета Трајковска

Од денешната конференција „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС)

Иако институционалната транспаретност е подобрена, нема институција во државата која ужива висока доверба од граѓаните. Јавноста е незадоволна од нивната транспарентност и отчетност. Граѓаните имаат ниска или умерена доверба како кон нив, така и кон медиумите и невладините организации, покажа истражувањето на ИКС.

На скала од 1 до 10, судовите се со најниска доверба со средна оценка од 2,4, а веднаш по нив се политичките партии и Јавното обвинителство со оценка 2,5.

Собранието е оценето со 2,7, а Владата со 2,8.

Претседателот добил оценка 3,5, полицијата 3,8 , локалната власт 3,7 и највисока доверба од граѓаните е кон Армијата, со оценка 4,9.

Довербата во медиумите и невладините организации е оценета со 3,5, а од меѓународните организации, ООН доби оценка од 3,9 , НАТО од 3,8, a Европската Унија 3,5.

Верските заедници уживаат умерена доверба од 4,4.

  • Целото истражување на ИКС може да го погледнете тука.

Според истражувањето, огромно мнозинство граѓани е скептично кон сè што се објавува. Така, повеќето од половината не веруваат на која било објавена информација, 30 отсто претпоставуваат дека е веродостојна, а само 14 отсто сметаат дека сè што е објавено во медиумите е точно.

„Она што е позитивно во целото ова истражување е дека најголем дел од овие 14 отсто се млади од 18 до 24 години. Разочарувачка е истотака перцепцијата и за отчетноста на државните органи. Учесниците во истражувањето сметаат дека често има изговори за функционерите да се однесуваат несоодветно. Само 1 посто од испитаниците сметат дека пратениците секогаш се грижат за граѓанските интереси, или дека обвиненијата на обвинителствата добиваат разрешница. Овие бројки на перцепција и на недоверба се една ладна шлаканица за сите нас и мора сите кои учествуваме во јавниот простор да поработиме да ја смениме перцепцијата, заради тоа што таму кадешто има недоверба, всушност имаме пасивизирано општество. Тука се сите институции, меѓутоа и невладиниот и медиумскиот сектор“,

вели директорката на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајкоска.

Жанета Трајкоска/ Фото: ИКС

Анкетното истражување е спроведенa на репрезентативен примерок од 1 000 учесници – граѓани на Република Северна Македонија на возраст над 18 години од сите региони од државата, во периодот од 20 октомври до 14 ноември 2023.

Бројките послужија во контекст на денешната конференција за транспарентност и отчетност, на која прв говорник беше премиерот Димитар Ковачевски. Тој посочи дека Владата е отворена и транспарентна и оти фактите кажуваат дека во последните две години Владата достигнува и задржува 100% транспарентност. Во поглед на перцепцијата на граѓаните, прстот го впери кон медиумите.

„Ако сега излеземе надвор од оваа сала и прашаме граѓани колкава е транспарентноста на Владата, која според мерењата е 100%, тие нема да одговорат со научен методолошки измерен факт, туку ќе одговорат каква е нивната перцепција и искуство за темата за која се прашани. Доколку пак прашаме колкумина од нив ги следат информациите директно од каналите на Владата, а колкумина преку медиумите, ви гарантирам дека повеќето, ако не и сите, ќе посочат дека информациите за работата на Владата ги следат преку медиумите. Секако, медиумите имаат своја слободна уредувачка политика, која ние ја поддржуваме, на која како институциите не сме ни помислиле да влијаеме, но мојата поента тука е дека врз перцепцијата на граѓаните влијаат медиумите со своето работење од кои тие се информираат. И тоа ретко има врска со достапноста на информациите колку што има врска со начинот на кои информациите се пренесени”,

кажа Ковачевски.

Димитар Ковачевски/ Фото: Влада на РСМ

Професорката Ана Павловска – Данева од Правниот факултет „Јустинијан Први“ забележа дека од државните институции Армијата, полицијата и Владата котираат повисоко во однос на другите институции, иако се најконзервативни органи кои најчесто работат со класифицирани податоци. Таа посочи дека тоа најверојатно, се должи на сериозната волја на оние кои ги раководат институциите и службениците.

„Мојот краен заклучок е дека, не нам на граѓаните, реално, ако секој политичар размисли здраворазумски и сака долго да опстои на функција, на власта ѝ е потребна транспарентноста, за да може подолго да владее“,

заклучи Павловска-Данева.

Поради отсуството на одговорност на сите нивоа очигледно е дека граѓаните нема да имаат доверба во институциите, рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска.

„Да тргнеме по ред, ние сме општество во коешто сме детектирале дека највисок ризик од корупција се силните политички влијанија, дека отсуството на интегритет е заеднички именител на сите фактори на корупција, дека транспарентноста не е на ниво коешто го посакуваат граѓаните, дека дискреционите овластувања се злоупотребуваат, тогаш повеќе од јасно ќе ни биде дека одговорноста ќе биде на ниско ниво“,

додаде Ивановска.

На денешната конференција „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС), учествуваа и челниците на Државниот завод за ревизија, Основното јавно обвинителство-Скопје, Врховниот суд и други.

Обраќање имаше и амбасадорот на Обединето Кралство во земјава, Метју Лосон, кој кажа дека Обединетото Кралство е целосно посветено да даде поддршка на Владата во врска со разрешување на корупцијата и поголема транспарентност.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

НАТО учебниците треба да одат во архива

Следно

Мицкоски: Македонците да се вклучат активно во политичкиот живот во Србија

Latest from Blog

Царинската управа постигнала рекордна наплата на приходите

Ги затегнавме чешмите, сè оди во буџетот, постигнавме рекордна наплата на приходите во изминатите пет месеци. Поднесена е 31 дисциплинска постапка за царински службеници за злоупотреба на службена положба. Од први јули

Лишен од слобода малолетникот што ја откорна таблата од Конзулатот на Република Србија во Куманово

Полициски службеници од СВР Куманово лишија од слобода 17-годишен малолетник од Куманово, постапувајќи по добиена пријава на 29.11.2024 во 09.05 часот дека е откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Република Србија

Евробарометар: Над половина од македонските граѓани ѝ веруваат на ЕУ

Повеќе од половина од граѓаните на Северна Македонија, односно 56%, имаат доверба во Европската Унија, покажува есенското истражување на Евробарометар за 2024 година. Слична доверба кон ЕУ изразуваат и граѓаните на Босна

Ким: Русија има право на самоодбрана

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, на вчерашната средба со рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов во Пјонгјанг, истакна дека Русија има право на самоодбрана. Според Ким, Украина поради САД и западните земји „ја
Go toTop