ЕК утре ќе соопшти за исполнувањето на условите од Бугарија за влез во Еврозоната

June 3, 2025
2 mins read

Европската комисија утре се очекува да го објави т.н. Извештај за конвергенција, во кој ќе биде содржана процена за тоа дали Бугарија ги задоволува условите за да биде примена во Еврозоната од 1 јануари 2026 година.

Исто така, утре свое гледиште за тоа дали Бугарија е подготвена да биде дел од Еврозоната треба да изнесе и Европската централна банка (ЕЦБ), но генерално, од пресудно значење ќе биде мислењето на Комисијата.

Влезот во Еврозоната би подразбирал дека бугарскиот лев ќе биде заменет со еврото како национална валута во Бугарија.

Бугарскиот премиер Росен Жељазков минатата седмица изрази убедување дека Европската комисија ќе даде позитивна оцена за влезот на Бугарија во Еврозоната.

Но, спротивно на оптимизмот на власта, мнозинството Бугари, според анкетите на јавното мислење, се против заменувањето на левот со еврото.

Така, според анкета на бугарското државно радио БНР, дури 57,1 отсто од Бугарите се против влезот на државата во Еврозоната, а 39 проценти ја поддржуваат замената на левот со еврото. Истражувањето, исто така, покажува дека скептицизмот кон еврото е поизразен меѓу постарите Бугари.

Противниците на заменувањето на левот со еврото стравуваат дека тоа ќе предизвика пораст на цените и губење на контролата врз монетарната политика на државата од страна на Софија. Главни промотори на ваквите ставови се бугарските националистички партии.

Бугарскиот претседател Румен Радев, кому исто така му се препишува воздржаност кон прифаќањето на еврото, на почетокот на мај најави дека ќе предложи распишување на референдум за членство на Бугарија во Еврозоната. Но, ваквата идеја не наидува на поддршка во бугарското Собрание, каде што партиите кои се за прифаќање на еврото имаат мнозинство пратеници, а според правни експерти, постојат и дилеми околу уставноста на таквото референдумско прашање.

Со цел да ги намали стравовите на противниците на членството во Еврозоната, премиерот Жељазков истакна дека Владата „ќе ја гарантира безбедност на бугарските потрошувачи и по воведувањето на еврото”.

– Ова вклучува и законски измени во врска со прифаќањето на еврото, со цел Бугарите да не стравуваат за своите заштеди, додаде Жељазков.

Дополнително, поддржувачите на прифаќањето на еврото наведуваат дека тоа ќе ја зголеми економската стабилност на државата и ќе овозможи полесен пристап до финансиски средства.

Според Договорот за Европската Унија, секоја нова земја членка при приемот се обврзува да го прифати еврото, но нема утврден временски рок за тоа.

За да се приклучи кон Еврозоната, секоја земја мора да ги исполни Мастришките критериуми, кои предвидуваат ниска инфлација, буџетски дефицит на ниво под три отсто од БДП, јавен долг од под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно учество во Европскиот механизам на девизниот курс (ЕРМ 2), како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите земји на ЕУ со најниска инфлација.

Бугарија, која стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој колоквијално се нарекува „чекална за Еврозоната“, од кога курсот на бугарскиот лев е врзан за еврото.

Софија првично планираше Бугарија да се приклучи кон Еврозоната на 1 јануари 2024 година, но оваа цел не беше остварена поради високата инфлација, чиј раст се припишуваше на Ковид пандемијата и руската инвазија врз Украина, но и поради политичката нестабилност во државата со неможноста за формирање стабилна Влада.

Доколку се приклучи кон Еврозоната, Бугарија ќе стане нејзина 21-ва земја членка. Покрај Бугарија, членки на Еврозоната меѓу државите од ЕУ не се и Данска, Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.

ИЗВОР: racin.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Јужна Кореја избира нов претседател

Следно

АКТЕРИТЕ ОД „НАРОДЕН ПРАТЕНИК“ НА МНТ ДОБИЈА СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА НА 70. СТЕРИЈИНО ПОЗОРЈЕ ВО НОВИ САД

Latest from Blog

Киносалите во Кина достапни и за домашни миленици

Кинеските кина почнаа со прикажување филмови, наменето за посетители со домашни миленици, претворајќи го традиционалното кино-доживување во нов начин на заедничка забава. Салите се прилагодени за престој на кучиња и мачки, со

Јаневска: Образованието е заедничка општествена одговорност

Министерството за образование и наука и другите институции и образовни установи добиваат сè повеќе партнери во заложбите за унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Убедена сум дека така и треба да биде,

Видео: Ветер ја урна репликата на Статуата на слободата во Бразил

Инцидентот се случил во градот Гваиба, во државата Рио Гранде до Сул, каде што голема реплика на познатата статуа од Рио де женерио е поставена пред продавница  Хаван. Градоначалникот на Гваиба, Марсело Мараната,

ПАРИТЕ ОДАТ ВО АЛБАНИЈА НАМЕСТО ВО БЕЛГРАД ПОРАДИ БЛОКАДЕРИТЕ: Зетот на Трамп ја откажува инвестицијата од 750 милиони евра

Зетот и инвеститор на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, се откажа од инвестиција од 750 милиони евра за изградба на хотел во центарот на Белград и наместо тоа парите ќе одат
Go toTop