Министерот за економија и труд на Република Македонија Бесар Дурмиши оствари работна средба со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер, на која беа разгледани можностите за продлабочување и унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји.
На средбата беше ставен посебен фокус на зголемување на трговската размена, поттикнување на швајцарските директни инвестиции, како и продлабочување на соработката во областа на одржливиот економски развој и креирањето работни места.
Министерот истакна дека, и покрај добрите политички и дипломатски односи меѓу двете земји, постои значителен неискористен потенцијал за поинтензивна економска соработка, особено во производството, индустријата, иновациите и зелената економија. Во тој контекст, беше нагласена важноста од промоција на поволната бизнис-клима во Македонија и можностите што ги нудат технолошко-индустриските развојни зони.
Соговорниците се осврнаа и на значајната улога на Швајцарија како еден од најголемите билатерални донатори на земјата, преку поддршка на реформските процеси, демократското управување, заштитата на животната средина, енергетиката, водоснабдувањето и економскиот развој. Беше потенцирана и успешната реализација на швајцарските развојни програми, вклучително и оние насочени кон зголемување на вработливоста, поддршка на малите и средни претпријатија и органското земјоделско производство.
На средбата беа разгледани и можностите за организирање заеднички бизнис-форуми, воспоставување посилна институционална и стопанска поврзаност, како и дополнителна промоција на македонските извозни производи и туристички потенцијали на швајцарскиот пазар.
Двете страни ја потврдија заедничката заложба за понатамошно јакнење на економските односи и продлабочување на партнерството меѓу Република Македонија и Швајцарската Конфедерација.
Извор: kurir.mk


