ДУИ изгуби еден пратенички мандат во шестата изборна единица, кој го доби Коалицијата Вреди. Во шестата изборна единица се гласаше само на едно избирачко место, 2101 во општина Желино. По прегласувањето, ДУИ и Влен во шестката ќе имаат изедначен број на пратеници – по осум.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски на прес конференција ги соопшти целосните резултати во двете изборни единици, вклучувајќи го и денешното прегласување.
Европскиот фронт на ДУИ во шестата изборна единица има освоено 53.738 гласови или 8 мандати, Коалицијата Влен 47.849 гласови и имаат 8 мандати. Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 21.630 гласа или 3 мандати, додека Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ има добиено 6.414 гласови или 1 мандат.
Во изборната единица пет нема промени во пратеничките мандати од парламентарните избори одржани на 8 мај.
Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ добила 74.287 гласови, односно 10 мандати, Европскиот фронт на ДУИ со 27.278 гласови освоиле 4 мандати. Еден мандат помалку или вкупно 3 освоила СДСМ и Коалицијата со 26.668 гласови. Останатите Левица, Влен и ЗНАМ на Максим Димитриевски имаат по еден мандат.
„Почнуваат да течат роковите за приговори за гласање се до петок до 19 часот, а за сумирање и утврдување на резултатите во петок до 22 часот“, изјави претседателот на ДИК Даштевски.
Денешниот изборен ден во неколкуте општини помина во мирна атмосфера и без инциденти.
Во петката – промена на гласови, не и на мандати
Варијации во гласови, но, без епилог врз пратеничките мандати. Вака изгледа ако се направи споредба на гласањето од 8 мај и денешното прегласување. Во изборната единица 5, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ добила 371 глас повеќе. СДСМ, пак, 236 гласови помалку. Европскиот фронт на ДУИ освоил 265 гласови повеќе, додека во минус се Вреди со 274 гласови, ЗНАМ со 86 и левица со 76 гласови помалку. По прегласувањето на 22 мај сепак нема промени во распределбата на мандатите, во петтата изборна единица.
Со ваквиот исход од денешното прегласување носи и минимална промена во вкупниот освоен број на пратенички мандати. Со новиот мандат, коалицијата „Вреди“ ќе има 14 пратеници, додека коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со изгубениот пратеник ќе има 18 пратенички мандати.
По завршувањето на двојните избори на 8 мај, лидерот на ДУИ, Али Ахмети обвини дека двете најголеми политички партии во македонскиот блок – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат договор против интегративците и прегласувањето го нарече „изборен инженеринг“.
Денеска имаше повторно гласање во петата изборна единица на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.
Одлуката за прегласување ја донесе Државната изборна комисија откако Управниот суд ги одби како неосновани сите седум тужби поднесени од Европскиот фронт на ДУИ против решенијата на ДИК. Институцијата на седница едногласно го усвои предлогот да се повтори на седумте избирачки места.
За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие. Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.
Извор: Радио Слободна Европа