Многумина можеби мислеа дека Унгарија, која моментално претседава со Советот на Европската Унија до крајот на годината, ќе престане со провокациите во август, кога бриселската машинерија официјално е на одмор.
Но, токму на крајот на јули, Будимпешта објави дека ќе ја прошири својата програма за имиграција со „национална карта“ за да ги вклучи Белорусите и Русите (како и граѓаните од Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија).
Србите и Украинците веќе претходно беа вклучени на списокот.
Националната картичка им овозможува на работниците да работат во Унгарија неколку години. Шемата, исто така, овозможува обединување на семејството и е поедноставна за добивање отколку обична работна дозвола или деловна виза. По три години, тоа може да доведе дури и до дозвола за постојан престој.
Вклучувањето на Русите и Белорусите ги вознемири Брисел и неколку земји-членки, бидејќи се чини дека е спротивно на договорената политика на Унијата против двете земји. Блокот воведе визни забрани и замрзна средства за повеќе од 2000 граѓани од двете земји поради тековната војна во Украина, ги замрзна договорите за олеснување на визниот режим и го отежна патувањето од Белорусија и Русија до безграничната Шенген зона на ЕУ преку забрани за летови и ограничувања на другите начини на транспорт. Згора на тоа, стотици руски дипломати беа протерани од земјите-членки на ЕУ, многумина поради обвинувања за шпионажа.
Критиките за последниот потег на Унгарија се дека тој може да доведе до поткопување на безбедноста во Шенген зоната и да ја зголеми можноста за руско шпионирање, бидејќи сопствениците на картички и во теорија и во пракса можат слободно да се движат низ поголемиот дел од Европската Унија.
Тоа беше и суштината на писмото на комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, од 1 август за ова прашање до унгарските власти, во кое таа истакна дека „има се повеќе извештаи за саботажа и напади врз нашата критична инфраструктура и други непријателски дејствија“.
Таа додаде дека „Иако земјите-членки (ЕУ) имаат надлежност да издаваат визи за долг престој и дозволи за престој, таквите шеми треба внимателно да се избалансираат, за да не се загрози интегритетот на нашата заедничка област без контроли на внатрешните граници и соодветно да се земат предвид потенцијалните безбедносни импликации“.
Јохансон исто така, побара од Будимпешта да и одговори на 13-те прашања во анекс на писмото, во кое имаше увид Радио Слободна Европа, до 19 август. Можеби најтешко од тие прашања е Унгарија да објасни кои се главните биле размислувања за внесување руски и белоруски државјани меѓу корисниците на националната картичка и дали Будимпешта извршила безбедносна проценка пред одлуката.
Исто така, таа ја притиска Будимпешта за тоа дали систематски ќе врши пребарување во Шенгенскиот информациски систем (СИС) на Белорусите и Русите кои ја бараат картичката и што би се случило во случај да има совпаѓање за предупредување издадено во тој систем.
Другите прашања се однесуваат на тоа како Унгарија гарантира дека санкционираните лица нема да влегуваат во Шенген и дали граничните проверки на руските и белоруските патници се построги во споредба со другите државјани на трети земји.
Конечно, Брисел, исто така, прашува за тоа колку апликанти се очекуваат од двете земји и каков е статусот (одобрени/одбиени/на чекање) на оние кои веќе аплицирале?
Но, и покрај сета фрустрација и груби зборови, ЕУ всушност може да направи малку по ова прашање. Претставниците на ЕУ со кои разговарав, признаваат дека Унгарија уште еднаш најде „дупка“ во правната рамка и навистина не може да се направи многу за ова прашање.
„Се плашам дека ги имаат правните аргументи на своја страна“, ми рече еден дипломат кој знаеше за ситуацијата и додаде дека за националните визи навистина не треба да се консултираат со никого во Унијата.
Во заедничката внатрешна белешка, во која исто така имаше увид Радио Слободна Европа, Будимпешта се обиде да ги уверува другите земји-членки дека „руските и белоруските граѓани можат да влезат во Унгарија, а со тоа и во Шенген зоната, само со валидна виза и можат да добијат дозвола за престој само по процедура утврдена со закон, по постапка спроведена од Генералниот директорат за полиција за странци.“
Значи, што ако нешто може да се направи, а земјите-членки и Европската комисија не се убедени?
Како прво, ништо нема да се случи во август, едноставно Брисел сè уште не е подготвен и ќе сака прво правилно да ја процени ситуацијата.
Второ, додека некои бараат Унгарија да биде исфрлена или суспендирана од Шенген зоната, тоа е многу малку веројатно да се случи. Пред се, има потреба од едногласност, што е речиси невозможно да се постигне. Унгарските соседи во ЕУ, на крајот на краиштата, имаат корист од слободното движење на луѓе, услуги и стоки, така што би имало економски удар, доколку тоа се случи. Исто така, вреди да се напомене дека тоа би било без преседан, бидејќи таков потег никогаш не бил активиран од воведувањето на Шенген системот во 1985 година.
Она што наместо тоа можете да го видите се зголемените безбедносни проверки на копнените граници од соседите на Унгарија и на аеродромите за летовите кои доаѓаат од Унгарија. Бидејќи прашањата за внатрешните работи, како ова, се национална надлежност, зависи од секоја земја-членка дали ќе воведат построги мерки. Но, тие треба да го известат Брисел за нивните потези. Ваквите привремени ограничувања, на пример, беа отстранети за време на пандемијата со „ковид-19“, за време на миграциската криза во 2015-16 година или за време на зголемени предупредувања за тероризам.
Иако Унгарија може многу добро да се извлече со овој потег, во Унијата постои зголемена фрустрација за однесувањето на Будимпешта.
„Расте моментумот за некакво враќање назад“, забележа еден функционер на ЕУ и додаде дека патувањата на Орбан во Москва и Пекинг претходно во текот на летото сè уште се рангирани.
Нуклеарната опција, суспендирање на унгарските гласачки права во Советот, не се симнати од масата. Заканата постои и постои со години, но дали е веродостојна?
Засега нема „апетит“ за тоа, но ако на Франција и Германија, двигатели на политиката на ЕУ, им е доста, работите би можеле да почнат да се движат. Едногласноста, се разбира, е потребна и овде, но Берлин и Париз би можеле да ги натераат другите да продолжат со таа политика.
„Досега тие мислеа дека имаат моќ врз Будимпешта и дека ќе дејствуваат конструктивно за време на нејзиното претседателство“, ми рече еден амбасадор.
Останува да видиме колку трпение останува кога дипломатите ќе се вратат од плажа.
Извор: slobodnaevropa.mk