Министерот за правда, Кренар Лога, ќе испрати со писмо до председателот, Стево Пендаровски, во кое ќе побара да свика седница на Советот за Безбедност.
На оваа седница министерот Лога ќе побара да се разгледува состојбата во затворите во земјава и состојбата со над 2.800 осудени лица со упатен акт, кои не ја одлежуваат казната поради недостиг на простор а кои преставуваат потенцијална опасност за целото општество и можноста досегашните дела да им застаруваат и со тоа да се охрабрат истите да ги повторат, велат од Министерството за правда.
Посебно писмо, Министерот Кренар Лога ќе испрати и до Министерот за внатрешни работи и директорите на АНБ и АР, каде ќе се побараат истите информации.
Вчера, Собранието не прифати да расправа за законот за амнестија по скратена постапка и со 66 гласа го одби предлогот од Владата.
Министерот за правда Кренар Лога потоа најави дека повторно ќе го поднесе законот за амнестија, овојпат по редовна постапка, коментирајќи дека на гласање гледа како одмазда за измените на Кривичниот законик кон него и неговата политичка партија.
Законот предвидува лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци се ослободуваат од издржување 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Со тоа, се очекува во моментот да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996.
Амнестијата не се однесува на лицата што се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење семејно насилство и родово-базирано насилство. Амнестијата не се однесува за кривични дела разбојништво од член 237 став 5 и разбојничка кражба од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела измама на штета на средства на Европската Унија од член 249-а, перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, примање поткуп од член 357, давање поткуп од член 358, давање награда за противзаконито влијание од член 358-а и за примање награда за противзаконито влијание од член 359, сите од Кривичниот законик.
Од Министерството велат дека целта е да се овозможи растоварување во казнено-поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.