Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, информира дека е објавен јавниот повик за пријавување на компании кои работат со високоефикасни инвертер клима уреди, во рамки на новата мерка за поддршка на граѓаните.
Според Божиновска, повикот е насочен кон сите компании што вршат трговија со ваков тип уреди, со цел да се вклучат во реализацијата на програмата која има за цел да обезбеди поефикасно и поекономично греење за ранливите категории на домаќинства.
„Со оваа мерка директно вложуваме во намалување на енергетската сиромаштија и обезбедуваме вистинска поддршка за ранливите домаќинства — поефикасно греење, пониски трошоци и подобар квалитет на живот“, истакна Божиновска.
Таа додаде дека станува збор за политика која, како што нагласи, „се чувствува во домовите на граѓаните“, бидејќи придонесува за намалување на трошоците за енергија и подобрување на условите за живеење.
Надлежните ги повикуваат сите заинтересирани компании да се пријават на јавниот повик, кој е објавен на официјалната веб-страница на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.


