Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за разбирање со CFS Media & Advisory DOO, во чиј состав е вклучен порталот Balkan Green Energy News и регионалната конференција Београдски енергетски форум.
Со потпишувањето на Меморандумот се воспоставува рамка за поддршка за унапредување на енергетската транзиција, инвестициите и зелената економија, како и за зајакнување на регионалната соработка и поддршка на процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија.
Меморандумот предвидува координирани активности за промоција на стратешките приоритети во енергетскиот сектор, размена на информации и искуства, поддршка на реформските процеси и унапредување на соработката со партнерите од регионот и Европската унија.
Министерката Божиновска нагласи дека воспоставувањето вакви партнерства претставува важен чекор кон зајакнување на институционалната соработка и унапредување на позицијата на државата во регионалните и европските енергетски иницијативи.
„Регионалната соработка и заедничкиот пристап кон развојот на енергетскиот сектор се клучни за обезбедување стабилен, одржлив и конкурентен енергетски систем. Благодарни сме за континуираната поддршка и професионалниот пристап во промоцијата на напредокот и реформите што ги спроведуваме. Транспарентноста и меѓународната видливост на реформските процеси во енергетиката се клучни.“ посочи министерката Божиновска.
Во рамки на Меморандумот, Министерството ќе биде институционален партнер на регионалната енергетска конференција што ќе се одржи во Белград во мај 2026 година, со активно учество на највисоката делегација во програмските и работните активности.
Од страна на CFS Media & Advisory DOO беше истакнато задоволството од воспоставеното партнерство и подготвеноста за понатамошна поддршка на активностите насочени кон унапредување на енергетската соработка во регионот.
„Им се заблагодаруваме на министерката Божиновска и нејзиниот тим за укажаната доверба и за силното партнерство. Со овој Меморандум воспоставуваме јасна рамка за соработка во промоцијата на енергетската транзиција, инвестициите и регионалното поврзување,“ посочи сопственичката на Balkan Green Energy News, Бранислава Јовичиќ.
Меморандумот ја изразува заедничката определба за развивање на партнерство, засновано на заемна доверба, заеднички интерес и долгорочна визија за одржлив развој на енергетскиот сектор.


