Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска информира дека државните нафтени резерви се стабилни и гарантираат сигурност на снабдувањето со нафтени деривати во земјата.
Од Министерството соопштија дека внимателно се следи актуелната енергетска состојба и потенцијалните геополитички ризици, при што Агенцијата за задолжителни нафтени резерви – МАКОРА континуирано ги одржува резервите со цел да се обезбеди стабилност на пазарот.
Државните резерви се формираат и одржуваат согласно европската регулатива и претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие може да се користат исклучиво со одлука на Владата, во случај на енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето.
Во моментов, увозот на нафтени деривати се одвива непречено, а како дополнителен механизам за сигурност е обезбеден и продуктоводот Солун–Скопје, кој овозможува континуиран доток на сите видови деривати.
Според официјалните податоци, државните резерви изнесуваат 138.877.053 литри еуродизел, 32.098.680 литри Еуросупер БС-95, 10.772.342 литри екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) и 5.287.794 килограми мазут М-1 НС. Резервите се складирани кај ОКТА, Макпетрол, Лукоил и Супер Трејд и постојано се мониторираат од надлежните државни органи.
Божиновска потенцира дека со редовната набавка, континуираното дополнување и диверзификацијата на снабдувачите се обезбедува непречен доток на деривати, нагласувајќи дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг. Државата, како што посочи, е подготвена навремено да реагира и да ја зачува енергетската стабилност на земјата.


