Борел: Фокусот на средбите со Вучиќ и Курти беше смирување на ситуацијата, организирање нови избори и враќање на дијалогот

4 mins read

Косово треба веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот, а четворицата градоначалници привремено да ги извршуваат своите должности надвор од зградите. Србија треба да се погрижи демонстрантите да се повлечат истовремено со повлекувањето на косовската полиција, се условите кои Борел ги наведе по завршувањето на средбите со Курти и Вучиќ

На денешните средби со лидерите на Косово и Србија, се фокусиравме на тоа како да се смири ситуацијата на теренот, како да се организираат нови избори и како да се вратиме на дијалогот и на целокупното негово спроведување. Ставивме на маса конкретни предлози, напиша на Твитер шефот на европската дипломатија Жосеп Борел по средбите што ги имаше во Брисел со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, а на кои присуствуваше и Мирослав Лајчак, претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија.

Борел, на прес-конференција по завршувањето на средбите, ги наведе условите за двете страни.

„Косово треба веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот, а четворицата градоначалници привремено да ги извршуваат своите должности надвор од зградите. Србија треба да се погрижи демонстрантите да се повлечат истовремено со повлекувањето на косовската полиција“,

рече Борел.

Европската унија го повтори барањето – предвремени избори на северот на Косово, во општините со мнозинско српско население.

Курти изрази подготвеност да распише вонредни локални избори во Косово, но во согласност со правната рамка на земјата.

„Свесни сме дека е неопходно да се одржат вонредни избори на северот на Косово, но во процес кој треба да го следи владеењето на правото, по јавна и фер кампања, не можам да кажам дека ситуацијата е безбедна, бидејќи имавме билатерални средби. Можам да кажам дека има знаци дека наредните денови ќе бидат подобри од претходните“,

рече Курти.

Борел посочи дека не може да има неказнивост за виновниците за насилство, но со тоа треба да се справи судството, на професионален и непристрасен начин.

„Денешната средба не беше фокусирана на што, туку на тоа кога и како. Како да се деескалира ситуацијата на терен, со конкретни чекори, како да се организираат нови избори и како да се обезбеди враќање на дијалогот и спроведување на сите обврски од дијалогот, особено патоказот за имплементација“,

рече тој.

Борел рече дека се уште не стигнале до некаков договор, но дека патот е познат.

„Мислам дека идентификувавме начини да продолжиме напред, но страните треба да ги исполнат своите обврски“,

подвлече тој.

Борел претстави и други услови за двете страни и се надева дека, по четиричасовните средби, двајцата лидери ја разбрале сериозноста на ситуацијата, но очигледно имаат различни пристапи и различни толкувања на причините и последиците.

„Речиси четири недели гледаме како, според мене, ситуацијата на север непотребно се влошува. Војници на КФОР, новинари, граѓани беа повредени и секој ден слушаме за инциденти. Ова не може да продолжи, тоа е неприфатливо. Затоа ги повикав Вучиќ и Курти денеска да дојдат во Брисел на состанокот за управување со кризи“,

рече Борел.

Кога станува збор за нови избори на северот на Косово, Борел смета дека тие треба да се одржат што е можно поскоро, како што рече, „со целосно учество“ на сите граѓани.

„Кога ситуацијата на терен ќе стане нормална, да се вратиме на дијалогот. Пред неколку месеци постигнавме договор за нормализација, се чинеше дека сме на вистинскиот пат за нормализација. Треба да се вратиме на имплементација на договорот , а тоа значи формирање на Заедница на српски општини“,

истакна Борел.

Шефот на европската дипломатија порача и дека ЕУ е јасна – насилниците не можат да останат неказнети.

„Но, тоа мора да го оставиме на правосудните органи, која задача мора да ја извршуваат професионално. Денешната средба пред се беше како да се смири ситуацијата на терен, како да се организираат нови избори, како да се врати дијалогот, патот кон нормализацијата. По четиричасовната средба, двајцата лидери ја разбраа тежината на ситуацијата, но тие имаат различни пристапи, толкувања, а со тоа и решенија“,

рече Борел.

Тој посочи дека со Лајчак ќе бидат во близок контакт со двете страни во наредните денови, а во понеделник ќе им се обрати на министрите за надворешни работи на ЕУ за актуелната ситуација и каде таа оди.

По средбата со Борел и Лајчак, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека разговорите ќе продолжат на дневна основа, бидејќи, како што рече, сметаме дека мирот и стабилноста се од клучно значење.

На прашањето дали некој моментално го има клучот за решавање на ситуацијата на Косово, Вучиќ вели дека го нема и оти се плаши дека сè е отидено предалеку.

Вучиќ вечерва изјави дека не може да каже дали на средбите во Брисел е направен чекор за деескалација на ситуацијата на северот на Косово, но му се чини дека Брисел прави се што е во нивна моќ за да се дојде до решение и да се разбере ситуацијата на земјата.

За тензиите на северот на Косово ќе се разговара и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија што ќе се одржи на 26 јуни во Луксембург.

Ситуацијата на северот на Косово ескалира на 29 мај, кога Србите се судрија со припадниците на КФОР во Звечан, една од четирите општини со мнозинско српско население на северот. Во инцидентот имаше околу 80 повредени од двете страни. 

Потоа, на 14 јуни, Приштина и Белград излегоа со спротивставени информации во врска со апсењето на тројцата косовски полицајци.  

Додека Косово тврди дека тие биле „киднапирани“ од територијата на општина Лепосавиќ во близина на границата, Србија наведува дека тие всушност биле уапсени на нејзина територија. 

КФОР соопшти дека врз основа на достапните податоци, не е јасно каде точно биле припадниците на косовската полиција во моментот на апсењето. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Сите патници во подморницата „Титан“ се мртви, потврдија од компанијата „Оушнгејт“

Следно

Киев на конференција во Лондон доби уште 60 милијарди евра помош за обнова на Украина

Latest from Blog