Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, присуствуваше на значаен состанок организиран од Националниот демократски институт (НДИ), посветен на зајакнување на интегритетот на институциите и борбата против корупцијата на локално ниво. Настанот се одржа во присуство на Н.Е. Амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, и Н.Е. Амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, како и градоначалници од повеќе општини.

На состанокот се дискутираше за градење поотпорни, поодговорни и транспарентни локални заедници, со активно вклучување на граѓаните и континуирана соработка преку проектот „Заедници со интегритет“, во кој е вклучена и Општина Битола. Годинава беа одржани две работилници за едукација на општинската администрација.
Коњановски изрази задоволство од високата оценка на Општина Битола од страна на Транспаренси Интернешнл – Македонија, нагласувајќи дека општината е високо рангирана на скалата за исполнување на програмата за минимизирање на ризиците од корупција. Ова, според него, ја зајакнува довербата на граѓаните и потврдува дека Битола останува пример за транспарентност и отчетност.

„Задоволство е што Општина Битола е дел од овој проект. Ова ни дава мотивација да продолжиме да бидеме високо позиционирани на листата за транспарентност и исполнување на обврските без судир на интереси“, истакна Коњановски.

