Вечерва со почеток од 20 часот во Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе биде изведена претставата „Аудиција“ според текст на Александар Галин во режија на Владимир Милчин.
На прес-конференцијата, режисерот и анасамблот посочија дека ова е горчлива комедија за најголемата моментална општествена болка – иселувањето. Претставата која е играна во целиот свет, а за првпат во земјава пред 10-тина години, конкретно го лоцира местото – се случува во државава во овие моменти и отвора дилеми: да се остане и да се соочиме со состојбите или да се замине по подобар живот. Да се подели живеењето на два дела – едно е овде, а другото е неизвесно таму некаде.
-Авторот на текстот, Александар Галин и јас сме врсници, но сме живееле во различни светови. Сепак заедничка и денес многу актуелна е темата за заминувањето од земјата во некое друго општество. Тоа е најстрашната сличност. Би рекол, дека во овој момент ова е најактуелната пиеса во која можеме да се препознаеме и што сѐ правиме работите да ги влошуваме и младите, а не само тие, да заминат одовде. Кога го направивме преводот, го ставивме поднасловот – горчлива комедија. Галин создава текстови кои „болат“. Ние истовремено се смееме и плачеме. Нашава претстава става јасни маркери каде се случува – во Македонија. Многу ми е драго што работев со ансамблот на прилепскиот театар, рече режисерот Милчин на денешната прес – конференција и најава за утрешната премиера на претставата.
Актерите Илија Вочлески и Наташа Ачански велат дека имале лесна работа и совршена комуникација за темата толку блиска на сите генерации.
-Мојот лик во претставата Алберт се наоѓа на крстосница. Една цел му е да замине во Јапонија, да стане дел од една друга држава и да избега од сето што овде нѐ притиска. Неговиот карактер се бори со тоа дали е доволно подготвен да ги помине пречките. Се отвораат многу прашања. Претпоставувам дека и секој, млад или постар се наоѓа на таква раскрсница или да преземе некој чекор и каков за да имаме подобра иднина. Дали е човечноста на прво место или желбата за заработувачка, изјави актерот Илија Волчески.
Актерката Наташа Ачански посочи дека во претставата ги има ликовите од сите слоеви. – И работници и „новопечени богаташи“ кои се соочуваат со ист проблем: Колку сме подготвени да избегаме, да го поделиме животот на две – еден овде, другиот дел некаде таму. Колку сме подготвени да одиме некаде, а не знаеме каде, само да не сме овде и сега. Да избеганме, а дали воопшто ќе го направиме тоа, додаде Ачански.
Оваа е прва премиера на претстава од годинашниот репертоар на прилепскиот театар. Во претставата играат: марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицевска – Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски. Превод на текстот направила Сузана Киранџиска, изборот на музиката е на Ема Маркоска Милчин и на Владимир Милчин, сценографијата е на Крсте С. Џидров, а костимите на Марија Папуческа.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ИЗВОР: republika.mk