(АУДИО) Обвинителите го отфлиле како беспредметно германското вештачење за пожарот во модуларната болница во Тетово

August 18, 2023
5 mins read

Иако експертизата на германските вештаци беше направена на барање на Јавното обвинителство, самите обвинители, како што наведува ИРЛ, го завеле вештачењето како доказ, без да образложат за што е доказот, а потоа бараат судот да не го прифати предлогот на одбраната да биде повикан и сослушан германскиот вештак. Освен оценката дека е „беспредметен“, обвинителите се спротивставуваат на барањето наведувајќи дека со тоа одбраната само се обидува да го одолговлечи судскиот процес

Обвинители од скопското јавно обвинителство барале Судот во Тетово да го отфрли предлогот на одбраната да биде сослушан вештакот што го изготвил германското вештање за пожарот во модуларната болница со образложени дека тоа е „беспредметно“ за овој случај.  

Остатоците од модуларната болница во Тетово по пожарот во кој загинаа 14 луѓе / Фото: Архива

Ова може да се слушне од тонскиот запис што го објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), направен на едно рочиштата од судскиот процес за трагедијата, во кој им се судеше на двајцата тогашни директори и доктор во тетовската болница.  

Иако експертизата на германските вештаци беше направена на барање на Јавното обивнителство, самите обвинители, како што наведува ИРЛ, го завеле вештачењето како доказ, без да образложат за што е доказот, а потоа бараат судот да не го прифати предлогот на одбраната да биде повикан и сослушан германскиот вештак. Освен оценката дека е „беспредметен“, обвинителите се спротивставуваат на барањето наведувајќи дека со тоа одбраната само се обидува да го одолговлечи судскиот процес. 

Објавениот аудио запис, како што наведуваат од ИРЛ, е од судското рочиште одржано на 2 март 2023 година во Основниот суд во Тетово. Тој ден како застапници на обвинението биле двајцата обвинители од скопското јавно обвинителство, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, делегирани од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.  

Тонскиот запис

На почетокот на аудио записот, кој е во траење од 5 минути и 25 секунди зборува адвокат на одбраната на обвинетиот Флорим Бесими, кој бара да се сослуша вештакот од форензичкиот институт на сојузната криминалистичка служба на Германија кој ја изготвил експертизата.  

„Во насока на економичност на постапката, одбраната истакна предлог за сослушување и на вештото лице Силке Цокс од форензичкиот институт на Сојузната криминалистичка служба во Германија којшто фактички е изготвител на службената експертиза нарачана од страна на Јавното обвинителство , којшто дава конкретнти околности по однос на настанување на пожарот и други околности. Одбраната смета за целисходно да Судот го извести овој институт да достави покана со цел да го обезбедиме и да го сослушаме во оваа постапка особено што видно од самата експертиза доставени се целосни податоци за адресата на овој форензички институт како и имјел адреса што би го скратил рокот на доставување на поканите“,

наведува одбраната.  

На предлогот на одбраната на Бесими се приклучуваат и останатите бранители.  

По ова, според објавениот запис, со приговор се јавува еден од двајцата обвинители (според машкиот глас, станува збор за Дејан Петрески) и вели:  

„Обвинителството на ваквиот предлог на одбраната на обвинетите приговара и не се согласува од две основни причини. Првата и основна предлагањето и изведувањето на таквиот доказ во оваа кривична постапка е беспредметно, во однос на околноста на којашто одбраната на обвинетиот Флорим Бесими ја предложи е надвор од предметот на обвинение. И втората причина е тоа што ваквиот предлог е со единствена цел и намера да се одолговлечи текот на оваа кривична постапка“ 

Извадок од транскрипт од судското рочиште одржано на 2 март 2023 година / Извор: ИРЛ

На приговорот веднаш реагира одбраната, оценувајќи ги како неосновани наводите на јавниот обвинител дека одбраната има намера да го одолговлечи судскиот процес.   

„Значи овој доказ, службена експретиза е доставен од страна на Јавното обвинителство. Сите знаеме на очиглед на цела јавност, цела држава и сите органи се пофалија дека меѓународна експретиза ќе биде изготвена по однос на овој предмет. Ние се согласуваме и веруваме дека во оваа експертиза и констатациите коишто се наведени во оваа експертиза, во голема мера ќе го расветлат настанот. Зошто јавното обвинителство се противи на сослушување на сведок, односно на вешто лице коешто Јавното обвинителство го има предложено овој доказ и изготвена службена експертиза врз основа на барање на самото Јавно обвинителство тоа оставам сами да процените. Меѓутоа одбраната инсистира на расветлување на целокупниот настан и сметаме дека овој доказ и овој сведок, односно вештак мора да биде сослушан со оглед на транспаретноста за којашто се залага одбраната на првообвинетиот“.  

Судијата, Јордан Велковски го одбива предлогот на одбраната, нотирајќи дека таквиот наод (германското вештачење) е без значење за предметот на обвинението.   

„Судот донесе решение, предлогот на одбраната за сослушување на вештото лице од Република Германија се одбива со оглед дека постојат доволно докази во врска со настанатиот пожар. И таквиот наод е без значење за предметот на обвинението. Ќе повторам уште еднаш дека не е предмет на обвинение зошто избувнал пожарот. Значи неколкупати го повторив и претходно, па и денеска, навлегуваме во нешто што не е содржина на предметот на обвинението“ 

Во продолжение можете да го преслушате тонскиот запис што го објави ИРЛ:

Заклучоците на германските вештаци

Според документите кои ги објави ИРЛ во документарниот филм насловен „Убиство во Тетово“, германските вештаци се екплицитни во заклучоците.  Првата причина за експресното ширење на пожарот, според нив, е присуството на голема количина кислород во комбинација со полиуретан или пур-панелите од која била изградена болницата. Втората причина е отуството на противпожарни прегради кои би спречиле понатамошно проширување на огнот или, во најмала рака, би го отежнувале ширењето, чие вградување, пак, е законска обврска согласно стандардите за безбедност. И третата причина е отворената конструкција на градбата во поткровјето каде што штетниот гас можел непречено да се меша со кислородот и да се прошири насекаде за многу брзо време. 

Во текстот во кој е објавен тонскиот запис од рочиштето, од ИРЛ потсетуваат на реакцијата на републичкото јавно обвинителство откако беше објавен документарниот филм. Во неа Јавното обвинителство ги отфрли и ги демантираше наводите во филмот, оценувајќи ги како „груба манипулација со информации, со очигледна цел за неосновна дикредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината“. 

Во соопштението, објавено на 14 август, од Јавното обвинителство беше наведено и дека не се точни наводите на ИРЛ дека германското вештачење не било предложено како доказ во постапката. 

  „Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста, па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно“,

беше наведено во соопштението на Јавното обвинителство.  

Од ИРЛ велат дека нивниот тим го следел судењето во Тетово и ги добил сите судски записници и аудио снимки од рочиштата и тие биле основа во документарниот филм да се изведе аргументот дека ова вештачење не било земено во предвид. 

На 5 јуни оваа година Основниот суд во Тетово изрече пресуда за пожарот во модуларната болница кој се случи на 8 септември 2021 година,  а во кој животите ги загубија 14 луѓе. Обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница Тетово, за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, добија условни казна од една година и шест месеци, доколку во наредните три години да не го повторат делото.

Ослободителна пресуда судот донесе за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи. Заедно со Вучевски, и Клиничката болница е ослободена за делото непостапување по здравствени прописи. На Клиничката болница ѝ е изречена парична казна од еден милион денари.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

„Имагинариум“ – изложба на илустрации за деца на Христина Мазнеска во МКЦ

Следно

Американската војска и терористите на ПКК/ЈПГ одржаа заедничка вежба во Камишли

Latest from Blog

Од март директна авиолинија од Скопје до Амстердам

Од март ќе биде воведена директна авиолинија од Скопје до Амстердам. Аеродромот „Схипхол“ и скопскиот аеродром ќе бидат поврзани со нискобуџетната авиокомпанија „Трансавија“. Македонската и холандската престолнина се поврзуваат после пауза од

Перински: Главната иницијација за новиот Закон за локална самоуправа е отповик на градоначалник

Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското
Go toTop