Во платеното политичко рекламирање на последните парламентарни избори, доминираат мажите. Жените се помалку застапени, не се става акцент на родовата разновидност. Овој заклучок беше истакнат на денешниот брифинг со новинарите организиран од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) за претставување на клучните наоди од набљудувањето за време на изборната кампања на последните парламентарни избори во врска со застапеноста на жените и социјално ранливите категории во онлајн медиумите (интернет порталите).
Анализата покажало дека само 21 отсто од банерите прикажувале жени, а само четири од 11 партии воопшто имале жени на своите банери. Од вкупно 44 кандидати од 11-те партии кои биле прикажани на банери, само девет биле жени. Најмногу жени биле прикажани во рекламите на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што најверојатно се должи поголемиот број на реклами од тие партии во споредба со помалите партии, што довело до тоа општо поголем број на кандидати да се прикажат во рекламниот материјал, што пак дало повеќе простор и за жени кандидатки.
Експертките Марина Тунева и Билјана Бејкова ги презентираа различните аспекти во прикажувањето на жените и социјално ранливите категории во онлајн медиумските кампањи и во платеното политичко рекламирање.
„Со мониторингот се покажа дека во платеното политичко рекламирање доминираат мажите и лидерите на партиите. Дури и кандидатките не ја искористија кампањата за да ги наметнат темите за родовата рамноправност. Кандидатките, дури и оние со значајни позиции, носителки на листи, добија значително помало внимание. Банерите кои беа поставени, во 21 процент беа жените застапени, а двете најголеми партии купија две третини од банерите. Се потврди дека во платеното политичко рекламирање доминираат мажите. Жените се помалку застапени. Во наративите имаше зацврстување на родовите стереотипи кои ги ставаат жените во партријархалната перцепција за љубовта кон нацијата што се изедначува со љубовта на мајката. Во некои содржини на Државната изборна комисија видовме зацврстување на родовите стереотипи каде мажите беа претставени како активни чинители а жените беа претставени во фризерница. Тие стереотипи се провлекуваат зашто се многу зацврстени. Нема конзистентност во родово чувствителниот јазик“, рече Бејкова.
Таа објасни дека партиите треба да имаат одговорност за кандидатките на кандидатските листи но и тие да имаат еднаков пристап во платеното политичко рекламирање.
„Една работа е дека ја имаме родовата квота каде 40 проценти заземаат жените, но сосема друго е што за постигнување на вистинска родова еднаквост треба да се најдат жените и во платеното политичко рекламирање преку саморегулација“, смета Бејкова промовирајќи ја тезата дека треба да има јасни и применливи обврски за застапеност на жените во политичкото рекламирање.
Во однос на етничкиот идентитет, Тунева истакна дека тој имал своја улога во политиката и програмите посеани кон поделби и кохезија.
„Има интеркултурен наратив за општество за сите. Патриотизмот беше претставен како синоним за социо-економскиот напредок. Брисел се јавува како цел што обединува, притоа нагласувајќи ја заедничката иднина за сите. Потоа, има недоволна застапеност на ранливите групи во политичките наративи. Медиумите ги пренесуваа изјавите на политичарите, но без критика. Ако има штетни наративи на социјални мрежи, тие се засилуваат кога текстовите се објавуваат. Друга матрица што се забележува е, што нема контрола на политичките пораки испратени за време на изборите. Има идентичен начин на претставување на тие наративи, па така има многу слични текстови на повеќе портали. Не се прави обид за подлабинска анализа на кажаното, правење споредба со минатото и слично“, рече Тунева.
На прашањето, дали се очекува да ја видиме истата слика на претстојните локални избори во однос на застапеноста на жените и социјално ранливите категории во онлајн медиумите – интернет порталите, Бејкова оцени дека ситуацијата дури може да биде и полоша од онаа што сега постои.
„Ситуацијата и сега е лоша од аспект на родова еднаквост, но можеби низ процес на саморегулација и ако има добра политичка волја, можеби може нешто да се придвижи кон подобро“, рече таа.
Во однос на препораките, потребно е да се вклучат одредби за инклузивност, забрана за говор на омраза и почитување на човековото достоинство, како и да се обезбеди транспарентност во распределба на државните средства. Исто така, експертките очекуваат и промени во Законот за медиуми. Според нив, потребен е независен надзор на платеното политичко информирање, како и казни за злоупотреба на државните средства. Во процесот на саморегулација на медиумите, се препорачува во кодексите да се интегрира родовата димензија, а во измените на Законот за медиуми што се во тек – да се обезбеди поголема заштита на интересите на ранливите групи, малцинствата, жените и девојчињата.
Мониторингот го спроведе Фондацијата Метаморфозис во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во рамки на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“ и опфаќа 30 портали, 2 агрегатори, 13.645 статии и 2.683 платени банери од 11 политички партии.
ИЗВОР: racin.mk