Архитектот Реџеп Асани во името на опозициските албански партии – Демократско движење, Алтернатива и Движењето Беса денеска соопшти дека компанијата „Еуровиа“, која е сопственост на синот и внукот на покојниот секретар на ДУИ Абдилаќим Адеми, добила уште тендер од над еден милион евра за трасирање на дел од канализацијата во Арачиново.
На „Еуровиа“ и се доделува уште еден тендер во вредност од повеќе од еден милион евра за трасирање на дел од канализацијата во Арачиново. Во конкуренција биле уште две компании, од кои едната со пониска понуда, но токму „Еуровиа“ го доби бизнисот. Прашањето е колку од овој проект ќе оди на сметката на ДУИ и СДСМ? Уште колку тендери ќе добие „Еуровиа“ до следните парламентарни избори? На кого му се брза да ги наполни џебовите колку што може повеќе пред да оди во опозиција? праша Асани.
Од опозицискиот албански фронт обвинија дека и покрај опаднатиот животен стандард на граѓаните и инфлацијата, СДСМ и ДУИ „со народните пари делат тендери на партиски фирми и си создаваат своја олигархија“.
Денеска сме тука пред Министерството за транспорт и врски да поставиме неколку јавни прашања – Дали „Еуровиа“ е фирма-ќерка на ДУИ? Дали „Еуровиа“ е бизнис миленичка на ДУИ? Дали владателите сакаат да го изгубаат Путин, па да изградат своја олигархија? Дали „Еуровиа“ е алатка во рацете на властодршците ДУИ и СДСМ? Без око да им трепне за опаднатиот животен стандард на граѓаните, растечката инфлација, ДУИ и СДСМ си создаваат своја олигархија. Со народните пари се делат тендери на партиски фирми. Изгледа „Еуровиа“ го продолжува угледот на донатор на ДУИ и со ова ја проширува својата дејност, добивајќи на секој можен тендер. За оваа компанија не важат ниту едни правила. Прави буквално што сака, рече Асани.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.