„Има разни аспекти во кои не можам да навлегувам поради приватност, зашто приватноста ја земаме предвид дури и за лица што ги санкционираме. Сум чула како луѓе велат ’зошто него’. Поточно, еден новинар ме праша ’зошто Кочо, тој е фин човек’. Пак ќе кажам – има многу докази за многубројни случаи, така што не е само `оф, еднаш се лизнав’“, рече американската амбасадорка Анџела Агелер на денешниот брифинг со неколкумина новинари објаснувајќи зошто токму ексвицепремиерот за економски прашања се најде на американската „црна листа“
Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека ставањето на Кочо Анѓушев на „црната листа“ не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности. На денешниот брифинг со неколкумина новинари, таа зборуваше за причините зошто ексвицепремиерот за економски прашања во првата влада на Зоран Заев се најде на листата на Стејт департментот, но не откри детали за кои случаи конкретно станува збор. Сепак, рече дека не станува збор за изолиран случај.
„Има разни аспекти во кои не можам да навлегувам поради приватност, зашто приватноста ја земаме предвид дури и за лица што ги санкционираме. Сум чула како луѓе велат ’зошто него’. Поточно, еден новинар ме праша ’зошто Кочо, тој е фин човек’. Пак ќе кажам има многу докази за многубројни случаи, така што не е само `оф, еднаш се лизнав`. Мислам дека вие го знаете тоа, сте виделе многу, многу случаи и многу инстанци. Станува збор за прашање на отчетност, да се биде одговорен за своите чекори. Не можам да навлегувам во подробности, законски не ми е дозволено“,
изјави Агелер.
Со конкретните санкции на Анѓушев и неговото семејство им е забрането да патуваат во САД, но не и на неговите бизниси да продолжат да функционираат во Америка. Агелер вели дека засега таа не знае дали има и можност Анѓушев да биде опфатен со санкции од некоја друга американска институција, како на пример, од Министерството за финансии. Но, не пропушти да потсети дека имало случаи кога едно лице било санкционирано од две различни американски институции.
„Ова не е закана, туку закони на САД, не станува збор за лична работа, не е такво нешто, бидејќи ако сте биле санкционирани под еден конкретен закон, не значи дека не може да следуваат некои други назначувања. Може да се случат и двете, сме го имале тоа во минатото – не само Стејт департментот, туку и Финансии може да санкционираат индивидуи и нивните семејства“,
рече Агелер.
По објавата на Стејт департментот за негово впишување на листата, Анѓушев преку соопштение најави дека ќе се жали на одлуката. Агелер не верува дека тоа ќе даде позитивен исход за него.
„Мислам дека веќе поднесе жалба, можете да најмите адвокати во САД. Сме виделе лица кои во минатото сме ги санкционирале во земјава, во светот, низ регионот, многу санкционирани официјални претставници кои имаат тимови адвокати во САД и се обидуваат да се спротивстават на назначувањето. Негово право е да најми адвокати во САД и да се обиде да ја промени одлуката, но, како што кажав, оваа работа не е нешто што се зема тукутака, таа одлука е донесена по разгледување на значителни докази и повторно – слобода на говор, може да кажете што сакате, да ги најмите кои сакате адвокати и тоа од него зависи. Јас не би се обложувала на тоа“,
изјави Агелер на брифингот.
Она за што американската амбасадорка беше јасна е дека Кочо Анѓушев нема да биде последното име на „црната листа“. Таа не сакаше конкретно да одговори на прашањата дали, можеби, некој од фамилијата Заеви е меѓу следните.
Агелер: Можам да ви ветам дека има и други лица чии случаи се процесираат во Вашингтон. Не сакам да шпекулирам кога тие ќе бидат објавени, но ви ветувам дека ова не беше последното име.
Новинар: Што со шпекулациите за Зоран Заев? Меѓу нас зборувавме дека можеби тој е наредниот?
Агелер: И?!
Новинар: Вие кажете ни. Тој беше споменат во еден од документите.
Агелер: Да, беше во смисла на бизнисмен од Црна Гора.
Новинар: За кој Заев зборуваме – Зоран или некој друг?
Агелер: Нема да ви дадам други информации за тоа кого разгледуваме. Нотиравме дека сознанието со кого соработувате може да влијае врз вас и врз вашето семејство.
Агелер не мисли дека серијата назначувања на американската „црна листа“, на која во последните шест месеци покрај Анѓушев се најдоа и Орце Камчев и Рамиз Мерко, се случуваат доцна. Таа, како што вели, би сакала да види повеќе лица и нивно побрзо назначување, но додава дека станува збор за сложен и макотрпен процес кој резултира со целосна сигурност дека конкретните луѓе навистина се дел од коруптивни активности.
„Има епидемија на корупција во оваа земја и го има зафатено секој сектор, секоја организација и само преку повикување (укажување) на корумпираните актери можеме да почнеме со помагање за земјата да се справи со тие прашања. Обесхрабрувачки е затоа што, особено во последната декада, видовме значајно зголемување на корупцијата во оваа земја. Што може САД да направат? Работевме на обука на мнозинството судии во земјава, на мнозинството обвинители и други лица кои се дел од судството и, како што реков, немаше некој голем поврат на инвестицијата“,
е ставот на американската амбасадорка.
Она што неа ја изненадува, како што вели, е дека ниту еден граѓанин не е изненаден по објавувањето некое ново име на „црната листа“ зашто сите знаеле дека тоа конкретно лице е корумпирано. Повтори дека САД од независноста на земјава инвестирале речиси половина милијарда долари за добро владеење и владеење на правото, но дека досега тоа во целост не се исплатило.
ИЗВОР: 360stepeni.mk