ИСТАНБУЛ (АА) – Колумбија ги отфрли тврдењата на Обединетите нации (ОН) за криење на 20.000 неидентификувани тела во 27 хангари на аеродромот „Ел Дорадо“ во главниот град Богота, јавува Анадолу.
По четиричасовната инспекција, колумбиските власти ги отфрлија наводите на Комисијата на ОН за присилни исчезнувања.
Непосредно пред инспекцијата, Опаин – приватната компанија што управува со аеродромот и Медицина Легал, исто така, објавија дека не знаат за никаков хангар со тела.
Колумбиската Влада го објави ова по посетата на Комисијата на ОН утринава, која го критикуваше постоењето на наводна квазимртовечница во која се чуваат до 20.000 неидентификувани тела во хангар на аеродромот „Ел Дорадо“ во Богота.
Колумбиските власти започнаа темелна инспекција што на крајот доведе до нивно негирање на тврдењата.
„Со оглед на вестите објавени во некои медиуми за наводно постоење на хангар со илјадници безживотни тела, Опаин, концесионер на меѓународниот аеродром ‘Ел Дорадо“, ја информираше јавноста дека не знае за овие наводи“, соопшти компанијата за управување со аеродромот, според пишувањата на медиумите.
И од Институтот за судска медицина изјавија дека не е запознаен за постоење на ваков хангар и појаснија дека не добиле „никакви барања од надлежните за проучување или анализа на вакви случаи“.
ОН вчера објавија извештај за состојбата со принудните исчезнувања и постапувањето со неидентификуваните тела во земјата.
„Илјадници неидентификувани тела лежат на гробишта или во запуштени магацини, како што е хангарот на аеродромот во Богота, каде што во моментов се чуваат околу 20.000 неидентификувани тела“, се вели во извештајот на ОН.
Извор: Anadolu Agency (AA)