Тоа утро кога се рашири информацијата за причјиот грип над 20 посетители ми пишаа и ме прашаа зошто вратите на ЗОО Скопје се затворени во сабота, што е невообичаено и не знаев што да им одговорам, вели поранешниот директор на ЗОО Скопје Ѓорѓи Галетановски.
Тој додава дека и новинарите подоцна го барале за изјава бидејќи актуелниот директор не кревал на телефон, а откако се јавил кај двајца колеги кои ги потврдиле шпекулациите за вирусот не сакал да направи паника но објавил на социјалните мрежи.
Галетановски вели дека е загрижен поради фактот што вработени внатре му кажале дека две години не е дезинфицирано во Зоолошката градина.
-Вирусот е тој – лесно пренослив кај птиците, има некој случаи во Македонија еве и во зоолката градина сега. Грешката ја гледам што не бил консултиран и вклучен Институтот за јавно здравје, а мое мислење е дека се заразиле од некоја доселена птица, но мислам дека директорот со неговата нетранспарентност ги отежна условите. Протоколите се тие сакале ние или не, мора да се заловат птиците во околината и мора да се дезинфицира просторот. Е сега дали и како реагирале од АХВ и дали се роковите и периодот нормални, не знам. Повеќе ме плаши фактот што вработени внатре ми кажуваат дека две години не е дезинфицирано во Зоолошка, потенцира Галетановски за Трилинг.мк
Галетановски, минатата недела најави тужба против ЗОО Скопје бидејќи и покрај тоа што два месеца по завршувањето на огласот за директор на ЗОО Скопје, огласот сè уште е отворен, а одамна се поминати сите законски рокови за жалби.
„Во присуство на адвокат, денеска бев во ЗОО – Скопје да ги подигнам моите документи и истите одбија да ми ги вратат со банални објаснувања документите не се разгледани (пликото не е отворено) ниту пак се пратени до градоначалничката на Град Скопје, поради што ќе следува тужба од моја страна“, напиша Галетановски.
Галетановски најави дека ќе формира фондација под името „За европска зоолошка“, а примарна цел ќе биде обезбедување финансиска поддршка за Зоолошката градина во Скопје и нејзините вработени.
„Фондацијата ќе биде посветена на развојот и одржувањето на Зоолошката градина според европски стандарди, овозможувајќи соодветни услови за живот на животните, унапредување на инфраструктурата, како и обезбедување средства за професионален развој и соодветни услови за работа на вработените – какви што впрочем заслужуваат, а во моментов ги немаат.Со формирањето на фондацијата ќе се стремам за зголемување на свесноста за важноста на заштитата на животинскиот свет и едукацијата на јавноста за овие прашања, во соработка со релевантни европски институции и организации. Воедно, ќе бидат активирани многу домашни и странски фирми и донатори кои ќе помагаат со финансии за потребите на ЗОО – Скопје. Од редот на вработените во ЗОО – Скопје ќе назначам и ополномоштам вработен кој ќе има увид во финансиите, со право да управува со истите“, информираше Галетановски.
ИЗВОР: racin.mk