Со тоа што ги префрливме државните во даночни службеници, решивме еден голем проблем. Доколку не го направевме тоа во законскиот рок, тогаш можеа да нè тужат, дури можев и кривично да одговарам како работодавач дека не постапувам согласно Законот за управата за јавни приходи, изјави поранешната директорка на УЈП
Вработените во УЈП мораа да добијат нови договори согласно измените на Законот за УЈП, а целиот процес е воден со посебна работна група, со тим за функционална анализа, со почитување на законски рокови, изјави за „Слободен печат“, поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска. Во понеделникот, сегашната директорка на УЈП, Елена Петрова, рече дека Лукаревска потпишала одлука за групно откажување на договорите за вработувања и склучила нови договори во изборен период поради што „незаконитоста и формално-правните неправилности ги констатираа и Државната комисија за спречување на корупција и Државниот инспекторат за труд“. Трудовиот инспекторат го поништил актот за вработувањата по новата систематизација, а сега проблемот се јавил кај оние работници кои добиле поголеми плати со нивно трансформирање од административни во даночни, па Петрова предупреди дека тоа значи дека треба да ги вратат парите, но дека се бара „најбезболно решение“.
– Одлуката, согласно Законот за УЈП, се донесе на 12 февруари кога ја потпиша тогашниот министер за информатичко општество и јавна админнистрација. Ние сме многу обемна институција и во самата одлука беше наведено дека во рок од еден месец ќе ги поделиме новите договори за вработување на сите службеници. Со тоа што ги префрливме државните во даночни службеници, решивме еден голем проблем. Доколку ние тоа не го направевме во законскиот рок, тогаш можеа да нè тужат, дури можев и кривично да одговарам како работодавач дека не постапувам согласно Законот за упрвата за јавни приходи – изјави Лукаревска.
Таа вели дека со овие нови договори вработените не добиле никакво унапредување, туку само она што им следело со Закон и дека затоа и не е прекршен Изборниот законик.
– Преку целиот процес се боревме ниту едно работничко право да не биде скратено. Откажување на договор не е нешто ново во УЈП. Кога јас работев во УЈП, во 2017 година добив откажување на договор и потоа нов договор. Но, Државниот инспекторат за труд тоа не сакаше да го земе предвид, затоа што има уедначено постапување. Ние сме постапувале врз основа на тоа претходно искуство, кое се сметало за законски издржано – вели Лукаревска.
Таа објаснува и дека до Државната комисија за спречување корупција, било дадено известување и за тоа постои целосна хронологија.
– Но, тие доставија претставка и до Државниот инспекторат за труд, а паралелно, во контрола беше и Управен инспекторат и тој нема забелешки, односно нема надлежност во тој сегмент -појасни поранешната директорка.
Таа верува дека ќе се најде соодветно решение за вработените да не враќаат пари. На прашањето на „Слободен печат“ дали сите вработени мора да имаат статус на даночни службеници во УЈП, таа појасни дека таков статус нема помошниот технички персонал.
ИЗВОР: racin.mk