Како Брисел реагира на непослушниот Орбан

July 17, 2024
4 mins read

Беше јасно од самиот почеток на шестмесечното претседавање на Унгарија со Советот на ЕУ дека тоа претседавање ќе биде контроверзно. Не толку поради законодавната работа во Брисел, бидејќи не се случува нешто многу на тој фронт во моментов, туку поради она што врвните унгарски политичари го правеа во последните денови.

По Киев и средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, унгарскиот премиер Виктор Орбан продолжи во Суза (на ерменски познат како Шуши) во Нагорно-Карабах за да учествува на неформалниот самит на Организацијата на турските држави.

Потоа Орбан отиде во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, пред да замине во Пекинг кај кинескиот претседател Си Џинпинг. Тој ја заврши својата турнеја со учество на самитот на НАТО во Вашингтон, каде што, според неколку извори со кои разговарав во позадина, бидејќи тие немаат овластување да зборуваат официјално, тој одржа жесток говор, зад затворени врати, на Советот НАТО-Украина, против можното членство на Киев во воената алијанса. Тој став очигледно беше во спротивност со официјалното соопштение на НАТО, усвоено со согласност на Орбан само 24 часа претходно.

Орбан го заврши својот американски дел од патувањето со посета на републиканскиот претседателски кандидат, политички сојузник и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп, во неговиот дом во Флорида.

Виктор Орбан и Доналд Трамп

Виктор Орбан и Доналд Трамп

Длабока позадина: Се разбира, Орбан е слободен да оди каде сака, нарекувајќи ги сопствените напори „мировна мисија“. Но, она што го вознемири Брисел и многу други земји-членки на ЕУ е тоа што Унгарија претседава со ротирачкото претседателство и се добива впечаток дека тој ја претставува ЕУ на овие патувања, особено во Москва и Суза.

Друга загриженост во Брисел е она што го зборува Орбан при тие посети, особено во Русија. По патувањето, тој испрати писмо до Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.

Писмото, во кое имаше увид Радио Слободна Европа, се однесува на средбата на Орбан со Путин, кој е санкциониран од Брисел и баран од Меѓународниот кривичен суд. Унгарскиот премиер забележува дека „не дал никаков предлог и не изразил никакво мислење во име на Европскиот совет или Европската Унија“.

Тој, сепак, истакна дека е време за прекин на огнот и патоказ до мировните разговори и додаде дека „политичкото лидерство обезбедено од Соединетите Држави е ограничено, поради тековната, претседателска изборна кампања. Затоа, не можеме да очекуваме таков предлог да дојде од Соединетите Држави во наредните месеци. Треба да размислиме – во духот на европската стратешка автономија – да започнеме „европска иницијатива“.

Интересно е тоа што Орбан не се залага за украинскиот мировен план поддржан од ЕУ, ниту пак неговото писмо укажува дека тој ја повикал Москва да ја запре нејзината целосна инвазија на Украина, која започна во 2022 година.

Наместо тоа, тој во писмото истакна дека „гледаме зголемување на опасни воени капацитети, а негативните економски ефекти од војната ставаат голем товар врз секојдневниот живот на нашите граѓани и врз конкурентноста на ЕУ“.

Орбан, исто така, пренесе некои точки од разговорот со Путин: дека Москва има детални планови за нова европска безбедносна архитектура по војната, дека Путин проценува дека Киев губи 40 000-50 000 војници секој месец и дека времето е на страната на Русија.

Поенти

  • Па, како остатокот од ЕУ ќе реагира на сето ова? По барање од Полска, амбасадорите на ЕУ на 10 јули разговараа за патувањата на Орбан. Во таа дискусија, сите други 25 земји-членки, со исклучок на соседот Словачка, го критикуваа однесувањето на Унгарија. И правната служба на Советот на ЕУ даде јасна оценка дека ротирачкото претседателство нема никаква улога во надворешното претставување на блокот. Беше забележано и дека сите земји-членки на ЕУ, вклучително и Унгарија, се согласија на самитот на ЕУ во 2022 година да се воздржат од контакти со руското раководство.
  • Пред Унгарија да го преземе ротирачкото претседателство, неколку претставници на ЕУ ми кажаа дека дипломатите ги разгледуваат правните можности за одземање на претседателството на Унгарија. И иако не беше отворено дискутирано на минатонеделниот амбасадорски состанок во Брисел, моите извори во главниот град на ЕУ укажуваат дека тие правни досиеја повторно се проучуваат.
  • Всушност, сè што е потребно за да се скрати унгарското претседателство е квалификуваното мнозинство од земјите-членки (55 отсто од членките на блокот, што претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ) да го поддржи. Ваков драстичен потег се чини дека засега не е возможен, но со оглед на тоа што неколку земји-членки се сè пофрустрирани од Будимпешта, тоа не може целосно да се исклучи во иднина.
  • „Веќе се преземени некои симболични чекори против Будимпешта. На пример, сите европски комесари вообичаено патуваат во земјата што претседава за да се сретнат со владата. Ова патување требаше да се случи во јули, а потоа беше одложено за септември. Но, на 15 јули, Европската комисија објави дека тоа воопшто нема да се случи и додаде дека на состаноците во Унгарија за време на претседателството ќе присуствуваат само високи државни службеници, а не и комесари.
  • Друг потенцијален начин се бојкоти на други настани на ЕУ што се случуваат во Унгарија во следните шест месеци. Секое претседателство има голем број неформални министерски состаноци на кои релевантните министри од земјите-членки доаѓаат да разговараат за различни прашања.
  • Еден од нив беше Неформалниот совет за конкурентност, собир на министри одговорни за прашања поврзани со конкурентноста во земјите-членки на ЕУ, што се одржа во Будимпешта на 8-9 јули. Нормално, требаше да присуствуваат сите министри за економија на блокот, но тоа го направија само пет, вклучувајќи го и унгарскиот министер-домаќин. Сите други земји беа претставени со заменици или функционери од пониско ниво.
  • Сега нема официјални изјави за намалување на учеството, а средбата е во јули кога многумина се на одмор. Но, вообичаено, ваквите неформални состаноци ги посетуваат повеќето од 27-те министри, па помала посетеност може да има значење.
  • Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Полска и Шведска објавија дека нема да испраќаат министри на неформални состаноци на Советот во Унгарија наесен и останува да се види дали повеќе земји-членки ќе го следат нивниот пример.

Можно е и неформалниот совет за надворешни работи на ЕУ, кој требаше да се одржи на крајот на август во Будимпешта, да биде преместен во Брисел. Конечната одлука за местото на тој состанок се очекува кога министрите за надворешни работи на блокот ќе се состанат во Брисел на 22 јули.

Извор: slobodnaevropa.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Се празнува Андреј Критски

Следно

„Терористи на ПКК стојат зад неодамнешниот напад врз партиски функционери“, објави Регионална влада на ирачките Курди

Latest from Blog

Македонија реизбрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на својот фејсбук профил сподели објава во која соопшти дека „нашата држава денеска беше реизбрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското

Реслер: Хрватска може да и биде „спонзор“ на Северна Македонија на патот кон ЕУ

Во услови кога геополитиката е променета, нема место за билатерални уцени, вели хрватскиот европратеник Карло Реслер, кој е и претседавач на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија. Тој смета дека треба да се

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на 28 ноевмри на Плаошкиот манастир во Охрид, одлучи Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква. Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат

Градоначалничката на Град Скопје нема да се кандидира на претстојните локални избори

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска нема да кандидира за нов мандат. Во изјава за медиумите дадена денеска по примопредавањето на шест нови еколошки автобуси за потребите на ЈСП, Арсовска рече дека

Најмалку 9 лица се убиени кога израелските сили бомбардираа училиште во кое се засолнети раселените жители на Газа

ГАЗА (АА) – Најмалку девет лица се убиени во израелски напад врз училиште во кое се засолниле раселени цивили во градот Газа, изјави медицински извор, јавува Анадолу. Очевидци изјавија дека израелските сили
Go toTop