Големата кашлица зема замав, бројот на невакцинирани деца е голем, делумно заради антиваксери, но има и родители кои сакаат да ги вакцинираат своите деца, но се спречени од други причини, вели за РСЕ Александар, татко на дете кое има 20 месеци.
Александар објаснува дека честите настинки и болести кои децата ги добиваат во градинките може да бидат исто така причина зошто поголем број деца остануваат невакцинирани иако е неспорно е дека има луѓе со антиваксерски ставови и не сакаат да ги вакцинираат своите деца.
„Периодот за прва ревакцина, таа што е на 18 месеци, ни се погоди две три недели пред да избие епидемијата во Скопје. Тогаш не можевме да го вакцинираме затоа што фати бактерија во градинка. Го вакциниравме откако оздраве, а тогаш веќе во јавноста се крена врева за големата кашлица и имаше наплив од деца што сакаа да се вакцинираат. Ние чекавме речиси три часа во вакцинален пункт за да дојдеме на ред. Имаше сигурно 30-тина дечиња што со родителите чекаа да се вакцинираат и приметив дека имаше две-три дечиња што изгледаа дека се на возраст од година и пол кога редовно се прима првата ревакцина. Сите други беа поголеми кои ја пропуштиле првата вакцина“, објаснува Александар.
Епидемија на ниво во Скопје беше прогласена на 15 февруари, а во цела држава од почетокот на оваа недела постои и писмена забрана за прием на невакцинирани деца во градинките.
Според последните информации на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој од понеделникот е на терен и ја проверува состојбата во градинките, во главниот град 50 отсто од дечињата се невакцинирани или нецелосно вакцинирани против големата кашлица. Тоа, пак, претставува дополнителен страв за родителите да ги пуштат своите деца во градинка.
„Моето дете е речиси 18 месеци и досега ги има примено сите потребни дози на вакцината против голема кашлица. Со оглед на тоа што живееме во Скопје, а го видов податокот дека можеби и половина од децата немаат примено вакцина против оваа болест, се вознемирив. Деновиве ќе побарам мислење дали за сега моето дете е доволно заштитено, или можеби треба барем неколку недели пред време да му ја пуштиме и ревакцината која инаку треба да ја прими после 18 месеци“, раскажува мајка на дете од 18 месеци за РСЕ, која побара да остане анонимна.
Инаку, според протоколите, првата доза вакцина против голема кашлица (ДТП) се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.
Првата ревакцинација пак се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.
Детето да се вакцинира само кога е здраво и по консултација со педијатар
Педијатарот Ангелчо Андоновски за РСЕ вели дека апелите од здравствените власти ги поттикнале родителите да ги вакцинираат децата. Но за да прими вакцина детето мора да е сосема здраво.
Овој педијатар кој работи на поликлиниката „Букурешт“ во Скопје во однос на дилемите на родителите што да прават ако детето треба да се вакцинира, а во тој момент е болно, објаснува дека мора да се почека извесен период и преку консултација со матичен педијатар потоа да се одреди нов термин за вакцина.
Вели секое дете е специфично, и затоа не постои утврден рок кога точно по прележаната болест детето може да ја прими вакцината.
„По извесен период откако ќе се стабилизира состојбата на детето, кога ќе се направи една крвна снимка и детето ќе е во добра кондиниција и добра општа состојба детето може да биде вакцинирано. Тоа треба да го процени матичниот педијатар со кого е задолжителна консултација“, додава Андоновски.
Но признава и дека се уште има антиваксери. Смета дека за време на Пандемијата со Ковид многу деца ги пропуштиле редовните термини за вакцинација, а се проширило и антиваксерството.
„Во секој случај постојат антиваксери и тоа е на некој начин мода во ова контаминирано општество да постои еден вид на антиваксерски бран, кој не само што не зафати нас туку и многу други држави. Но, сепак, родителите во тој период беа во некој вид на карантин, односно некој вид на страв, некој вид на пресија која беше и здравствена пресија, дали поради квалитетот на вакцините, дали поради антиваксерството, но и самата Ковид криза допринесе доста деца да останат невакцинирани“, вели Андоновски.
Во градинките само комплетно вакцинирани деца
Вчера и завчера имавме инспекциски контроли, поради што ги враќавме децата кои доаѓаа невакцинирани или нецелосно вакцинирани, вели за РСЕ Наталија Гировска, директорка на градинката „Орце Николов“ во Општина Карпош.
Таа сепак вели дека е мала бројката на деца кои се невакцинирани.
„Повеќето од децата кај нас се вакцинирани, но помал број, околу 10 отсто, се невакцинирани и веќе два дена тие ги враќаме, не им дозволуваме влез во градинката“, додава Гировска.
Директорката нагласува дека има и деца кои се нецелосно вакцинирани, а иако сега и тие се враќаат, сепак вели дека можеби во иднина ќе се направи корекција на таа одлука и децата на кои им недостасува една доза од вакцината ќе можат да посетуваат градинки.
Но, ваквата можност барем засега ја отфрли министерот за здравство Илир Демири. Tој денеска, 13 март, на пресконференција порача дека „се знае што е вакцинирано, а што невакцинирано дете“, но нагласи и дека сепак ќе иницира состанок на Комисијата за заразни болести, на кој ќе се расчистат овие дилеми.
„ Според прописи и сознанија ако некој е комплетно вакциниран не гледам зошто да биде попречен да присуствува. Три примени дози за да биде комплетно вакциниран, а после се ревакцините. Дали децата што немаат примено ревакцина можат да одат во градинка треба да каже Комисијата за заразни болести и ДСЗИ“, истакна Демири.
Министерот за здравство посочи и дека во земјава има вкупно 14.000 невакцинирани деца, а најави и дека ќе побара од Комисијата да даде препорака епидемијата од голема кашлица во Скопје да се прошири на ниво на цела држава.
Казни до 650 евра за невакцинирани деца
Опфатот на вакцинација во градовите во внатрешноста изнесува 95 отсто, додека во градинките ширум Скопје тој процент е драстично помал, односно вакцинирани се половина од децата, соопшти вчера, 13 март, директорката на Државниот санитарен иснпекторат, Рената Младеновска.
Таа укажа дека иако контроли во градинките се вршат во сите градови, сепак најголемиот проблем е во главниот град, и ги повика родителите што побргу да ги вакцинираат дечињата за да се спречи натамошно ширење на болеста.
Покрај забраната за прием на невакцинирани деца во градинките, за родителите кои нема да ги однесат децата на редовна имунизација во законот веќе се предвидени парични казни.
„Таа постапка подразбира повикување на физичкото лице (родител) да се јави во наведен рок кај инспекторот кој ја спроведува постапката и да се произнесе дали во рок од 8 дена ќе ја плати казната предвидена во Законот за заштита на населението од зразни болести, која изнесува од 350 до 600 евра во денарска против вредност. Доколку не се согласи, се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд“, велат од Санитарниот инспекторат за РСЕ.
Според последниот месечен извештај на Државниот санитарен инспекторат за јануари нема ниту еден родител кој платил казна бидејќи не го вакцинирал своето дете.
Инаку, откако на 6-ти март бројот на заболени од голема кашлица се искачи на 141 лице од кои најголем дел во Скопје, Министерството за здравство ги прифати препораките на Комисијата за спречување заразни болести и му наложи на инспекторатот да врши инспекциски надзори – да прави увид во вакциналните потврди за примена вакцина против оваа болест.
Во моментот во Северна Македонија достапни се сите дози од вакцината ДТП за деца, а според информацијата од Комитетот за имунизација, на 15 март се очекува да пристигнат и првите вакцини против голема кашлица кои ќе бидат наменети за возрасни.
ИЈЗ: Најголемиот број од хоспитализираните се деца до четири години
Вкупно 173 случаи на голема кашлица се евидентирани во земјава согласно последните информации на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од нив најголем дел, дури 151 случај, се потврдени во главниот град.
Покрај Во Скопје, осуммина заболени од голема кашлица има во Тетово, 5 случаи во Куманово, 2 во Гостивар, а по еден случај е регистриран и во Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и Кочани.
Само во текот на првата недела од март во Северна Македонија се забележани 50 нови случаи на голема кашлица, а повторно најголем број од случаите се во Скопје – дури 43.
Според податоците на ИЈЗ, највозрасниот заболен од голема кашлица во земјава има 70 години, но најголемиот број на заболени се сепак деца на возраст до 4 години, односно 27 случаи и припаѓаат на возрасната група под една година, 22 случаи се деца на возраст од 1 до 4 години, додека во возрасната категорија од 10 до 14 години се пријавени 43 случаи.
Од вкупниот број регистрирани случаи на ниво на Северна Македонија, 58 отсто од случаите, односно 102 пациенти не биле воопшто или целосно вакцинирани или немаат никаков доказ за вакцинација.
Од заболените лица 33-ца пациенти се хоспитализирани, а од нив, дури 28 се на возраст до четири години.
Долга сува кашлица која ги погодува најмалите
Клиничката слика пак е различна кај секој пациент и зависи и од неговата имунолошка состојба, објаснува педијатарот Андоновски, потенцирајќи дека најчесто болесна се манифестира преку долга сува кашлица.
„Клиничката слика првично значи фибрилност кај тоа дете, која потоа доаѓа до фаза на контаминација до заразување со големата кашлица, па во во зависност од организмот таа температура кој се јавува или перзистира, или почнува појава на една сува кашлица којашто трае еден долг период и не се смирува. Јас можам да кажам дека имаме периоди од две до четири недели буквално да нема престанок на таа кашлица и ништо да не ја смирува“, вели Андоновски.
Најризична група вели се најмалите, а кога кашлицата нема да се смирува со недели, потребни се детални испитувања и лекување со антибиотици.
Извор: Радио Слободна Европа