ЕУ го осуди инцидентот во Охрид: Очекуваме властите брзо да го истражат случајот

January 20, 2023
4 mins read

За нападот на 21-годишниот охриѓанец, кој работи како секретар во клубот „Цар Борис Трети“, шефот на дипломатијата Бујар Османи испрати остра осуда и порача дека никој во оваа држава не смее да биде напаѓан поради погледи, чувства и идентитет. Бугарската страна најави дека ќе испрати и протестна нота до Северна Македонија и порача дека проблемите на Бугарите во земјава не може да се игнорираат како од локалните власти така и од меѓународната заедница

Во случајот постапува и јавното обвинителство, а од досега прибраните докази нема потврда која е заднината на тепачката. Во одговор за „360 степени“, велат дека мотивите се истражуваат и наведуваат дека нападнатото лице досега дало два исказa – во првиот посочил три лица и им ги кажал идентитетите, а во вториот кажал идентитет на само еден сторител и две непознати лица

Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава го осуди синоќешниот напад на 21-годишно момче во Охрид, кое е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, и очекува властите да го истражат случајот.

На прашањето на „360 степени“ за реакција по информацијата за синоќешниот напад врз државјанин на Северна Македонија, кој се идентификува како Бугарин, од Делегацијата на ЕУ одговорија:

„Ги осудуваме сите акти на насилство како што е овој. Очекуваме властите брзо да го истражат случајот и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“.

Според официјалните податоци за настанот, досега е познато дека како напаѓачи се посочени три лица. Тепачката започнала во угостителски објект на кејот во Охрид, а потоа се префрлила и пред локалот.

Во првичните информации што ги соопштија од МВР неведени се местото на инцидентот, карактерот на повредите, како иницијали на напаѓачите според она што било пријавено во полиција, но нема информации за мотивите и заднината за тепачката.

„На 19.1.2023 околу 22.30 часот во Охрид е пријавен физички напад врз Х.П. (21) од Охрид од страна на С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што на Х.П. му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид. Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј ‘Македонија’ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Известен е јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава“,

соопштија од МВР.

Со оглед дека во случајот постапува и јавен обвинител, на прашање на „360 степени“ дали има информации или докази дека нападот се случил затоа што лицето се идентификува како Бугарин, од Јавното обвинителство одговараат дека „се работи на откривање на мотивите“. Оттаму наведуваат дека нападнатиот дал два искази пред полицајците – во првиот даден синоќа кажал идентитет на тројца напаѓачи, а во вториот даден утрово, пак, навел идентитет на еден сторител и две непознати лица. Од тие причини, надлежните во моментов се обидуваат да ги лоцираат и приведат лицата.

„По насоки на јавен обвинител до овој момент се преземаат дејствија за лоцирање и лишување од слобода на лицата кои оштетениот ги посочува како сторители. Во текот на вчерашниот ден и денеска тој дал два искази пред полициски службеници од кои во првиот наведува идентитет на три лица како сторители, додека во вториот исказ оштетениот наведува идентитет на еден сторител и две непознати лица. Јавниот обвинител издаде наредба за обезбедување на снимки од видеонадзор, а се работи и на откривање на мотивите за настанот. По целосно расчистување на случајот, ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“,

ни одговорија од Јавното обвинителство.

Синоќешниот инцидентот веќе е тема на разговор и на високо државно ниво. Утрово телефонски разговарале министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков. Осуда стигна и од двете страни.

Министерот Османи одговараше на новинарски прашања за инцидентот по денешната средба со заменик-претседавачката на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ

„Сакам оваа можност да ја искористам и остро да го осудам овој напад и да побарам институциите да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои извршиле физички напад поради етнички, културен идентитет на кој било државјанин на Република Северна Македонија. Колку што сум информиран, напаѓачите се веќе идентификувани и се работи за да се изведат пред лицето на правдата“,

изјави денеска министерот Османи одговарајќи на новинарски прашања.

Тој рече и дека очекува во текот на денот да го посети нападнатото момче и порача дека нема да се дозволи никој да го наруши она што е најголем квалитет на државата – функционалната демократија, меѓуетничкиот соживот, толеранцијата, мирот и почитувањето на другиот.

„Нема да дозволиме на никој, дали поради политички интереси или други побуди да го загрози тоа што го постигнавме во сите овие децении. Јас очекувам веднаш после оваа прес-конференција да го посетам нападнатиот бидејќи се работи за државјанин на РСМ и во оваа држава никој, ама баш никој не смее да биде нападнат поради погледи, мислења, ставови, чувства, идентитет. За тоа мора храбро сите да кренеме глас, да реагираме и посебно институциите да преземаат мерки за никогаш да не се дозволи да се случи повторно“,

додаде Османи.

Покрај осуда, од бугарска страна порачаа оти очекуваат напаѓачите да се изведат пред лицето на правдата, а најавија и дека на амбасадорката на Северна Македонија, Агнеса Руси Поповска, ќе ѝ врачат и протестна нота.

Според соопштението кое го објавија од бугарското МНР, бугарската држава го смета овој чин како злосторство од омраза и манифестации против Бугарите во земјава.

Бугарско МНР

„Бугарската држава со месеци упорно го потенцираше своето очекување властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата“,

наведоа од бугарското МНР додавајќи дека сè уште не добиле ниту одговор за истрагата за пукањето со огнено оружје кон просториите на клубот „Цар Борис Трети“.

Синоќешниот инцидент, смета официјална Софија, е последица од системското отсуство на адекватен одговор и посветеност од страна на Северна Македонија која ја обвинија и дека не може да ја исполни својата главна обврска – да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани.

Во реакцијата за нападот, бугарското МНР го спомена и патот на земјава кон ЕУ наведувајќи дека како очекуваат како држава која сака да биде дел од ЕУ, Северна Македонија да вложи доследни и реални напори за исполнување на тие заложби и да ги заштити и гарантира човековите права. Го споменаа и меѓународниот фактор велејќи дека ниту тој не смее повеќе да ги игнорира ваквите напади.

„За жал, последниве месеци сме сведоци на токму спротивните трендови во општеството на Северна Македонија. Постоењето на проблеми со правата на Бугарите во Северна Македонија не може да продолжи да се негира и од локалните власти и од меѓународните партнери. Очигледно, тоа само води кон нивно продлабочување и е неспоиво со членството во Европската Унија“, пишуваше во реакцијата МНР на Бугарија.

За нападот првичните информации во јавноста ги објави европратеникот Андреј Ковачев тврдејќи дека тројцата напаѓачи на момчето во Охрид „му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во центарот за култура“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ковачевски: Старото училиште во Љубојно станува Центар за промоција на македонскиот јазик, го штитиме и афирмираме македонскиот идентитет

Следно

Фото: Граѓаните да не ги блокираат паркинзите и улиците со предмети

Latest from Blog

СДСМ го одржа 29-тиот и 30-тиот конгрес

Со високите партиски тела на СДСМ ќе раководат млади и амбициозни луѓе, кои досега не биле во тесното партиско раководство, истакна лидерот на партијата Венко Филипче по завршувањето на 30от конгрес на

Стојаноски: Со власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ растат платите во образование, здравство, полиција, армијата и администрацијата

На гостувањето на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски го пофали договорот на Владата за покачување на платите во здравството, бидејќи како што вели тој, сега Владата има слух за
Go toTop