(ВИДЕО) МПЦ-ОА: Спорните предлог-закони им овозможуваат права на одредени лица, но ќе ги загрозат на 99 отсто други

5 mins read

Црквата е жив организам кој е составен од конкретни луѓе, заедница која во себе има вредносен систем, а со предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција директно се загрозува нашето право на вероисповед бидејќи со нив се редефинира целото општество и се ограничува слободата на говор, велат од МПЦ-ОА

Во менталитетот на Црквата е врежано дека слободата е неприкосновено право и најголемиот дар што Бог му го дал на човекот и затоа никој нема право да биде линчуван, осудуван или осрамотуван поради својот став или начин на животот. Македонија важи за најтолерантна земја за правата на ЛГБТИ-заедницата, а нашето незадоволство не е насочено кон овие лица, туку кон невладините кои преку парадите испраќаат пораки на омраза кон Црквата, вели епископот Јаков Стобиски

Претпладнево Македонската православна Црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) закажа прес-конференција во седиштето на Македонската архиепископија која се наоѓа веднаш до Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, местото каде што за в четврток е најавен сенароден собир против предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција.

Кратко откако новинарите се сместија, три лица – претставници на МПЦ-ОА – влегоа во прес-центарот на Архиепископијата. Пред новинарските микрофони, држејќи листови хартија во рацете, седна епископот Јаков Стобиски – токму човекот кој деновиве се најде во фокусот на јавноста со неговите изјави за трансродовите лица и ЛГБТИ-популацијата. За таквите коментари Антидискриминациската комисија му наложи да се извини.

Епископот во изјавата најмногу се задржа на формулацијата на значењето на најавениот протест, односно дека овој собир не е насочен против никого, а најмалку против ЛГБТИ+ лицата, туку против содржината на предлог-законските измени за родова еднаквост и за матична евиденција.

Епископ Јаков Стобиски

„Протестот е насочен исклучиво против содржината на овие закони. Не поддржуваме никаков говор на омраза, никакво скандирање и повикуваме на мирни протести, едноставно да кажеме не, дека не се согласуваме со вакви законски решенија. Ја користам оваа можност да го повикаме дополнително народот за присуство“,

порача тој и додаде дека поддршката од другите верски заедници е апсолутна и се надеваат на нивното присуство

По неговото излагање, кое траеше речиси пет минути, во кое неколкупати кажа дека Црквата не поддржува говор на омраза и додаде дека се оградува од евентуални инциденти и скандирања в четврток, започнаа прашањата од новинарите.

Епископот дозволи прашања кои беа поврзани само со сенародниот протест, иако дел од новинарите се обидоа да дознаат до каде е изградбата на луксузните згради на земјиштето на МПЦ-ОА пред хотелот „Холидеј ин“.

На прашањето дали Црквата ќе земе учество во јавната дебата за предлог-законите, односно дали ќе даде свои мислења и забелешки, епископот Јаков Стобиски одговори позитивно и дополни дека Црквата била, е и ќе остане своевиден коректив на совеста на општеството.

„Ние не сме против никого, особено не против остварувањето нечии права. Протестираме за тоа што е спорно во законите, сметаме дека сериозна реализација можеби ќе придонесе за поголемо остварување на нечии права, поединци, но тоа сериозно би ги загрозило правата на мнозинствата, или 99 проценти од населението во Македонија“,

рече епископот Стобиски.

Во однос на тоа што конкретно ѝ пречи на Црквата во овие предлог-закони, епископот се задржа на две најважни точки. Првата, според него, се измените на Законот за матична евиденција со кои се дозволува менување на полот со изјава на нотар, која би се базирала на субјективни и индивидуални чувства на поединецот. Според Стобиски, полот и родот се заемно сврзани и постојат само два – машки и женски. Втората најважна работа, за МПЦ-ОА, е ограничувањето на слободата на говорот, која според Црквата се предвидува преку членот за родово-сензитивниот јазик.

„Со законските измени отворате Пандорина кутија секој ден да излегуваат разни родови и секој да биде што ќе посака, просто тоа е нешто на кое не сме навикнати и не го прифаќаме. Во демократско општество градењето на законите мора да зрее паралелно со потребата но и со подготвеноста на една заедница да ги прифати промените, тука чувствуваме дека се врши насилство врз волјата на народот“,

вели Стобиски.

Дополнително со овие закони, велат од МПЦ-ОА, сериозно се загрозува правото на вероисповед и пропагирање на православието бидејќи Црквата е многу повеќе од институција, тоа е жив организам, заедница која има вредносен систем. И тој систем е апсолутен контраст, спротивен на тоа што се нуди во предлог-законите.

„Ќе протестираме за да спречиме правата на мнозинството да бидат загрозени на сметка на правата на поединци или групи. Ова што се случува со предлог-законите е класична диктатура“,

вели епископот Јаков Стобиски.

Епископот не пропушти да каже дека Црквата не е против никого, најмалку против ЛГБТИ+ лицата. Вели, нашата религија нè учи дека никој нема право да биде линчуван, да биде осудуван или осрамотуван поради свој став или начин на живот. Слободата е неприкосновено право и најголемиот дар што Бог му го дал на човекот.

„Во однос на правата на ЛГБТИ популацијата, нашата држава е една од најтолерантната кон таа заедница. Дали сте забележале протести или попречување од Црквата? Видовме успешна парада, како што ретко има во соседството. Во однос на парадата, тоа се исти луѓе од невладини организации кои се платени под плаштот на борба за човекови права. Тие паради се злоупотребуваат да се испратат пораки на омраза кон Црквата“,

изјави Стобиски.

Инаку, од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ ОА), вчера објавија видеопорака од г. г. Стефан, кој ги повика православните верници, но и сите останати граѓани на сенароден собир на 29 јуни пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, против Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција.

„Возљубени, секој од нас, но и сите заедно имаме света должност она што сме го примиле и наследиле од нашите предци и како посебност и како сечовечко наследство и предание да го продолжиме и да го оставиме на поколенијата по нас. Со тоа го чуваме не само минатото, туку обезбедуваме и иднина како припадници и на својот народ и на општочовечката заедница. Бранејќи ги и чувајќи ги достоинствено тие придобивки ќе ги исполниме своите обврски и кон Бога и кон својот род“,

рече поглаварот на МПЦ ОА во видеообраќањето.

Сенародниот собир е наречен „Имаме должност“, а соопштението на МПЦ ОА дојде во пресрет на Парадата на гордоста која викендов се одржа во Скопје.

Во текот на вчерашниот ден, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација излезе со соопштение дека епископот Јаков Стобиски извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и му наложи јавно извинување, а доколку тој не го стори тоа, Комисијата ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

На оваа претставка епископот одговори експресно велејќи дека извинување нема да има, но и дека е подготвен да биде изведен пред суд, но и на многу повеќе, за тоа што, како што вели, ја говорел и исповедал вистината, која се темели на ставовите на врвни светски стручни лица, доктори, психолози и психијатри

Видувања и коментари за најавениот протест на МПЦ ОА искажаа активистката и членка на организацискиот одбор на „Скопје прајд“, Ирена Цветковиќ, и пратеничката во Собранието од мнозинството и членка на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето, Санела Шкријељ, во гостувањето во петочното издание на емисијата „360 степени“.

Двете се со став дека станува збор за демократско право, но потсетуваат и реагираат на тоа што МПЦ ОА останала глува и не дала поддршка на барањата на други загрозени групи во општеството. Како пример, Цветковиќ го посочи протестот на лицата со попреченост кои кампуваа пред Владата, на кој, како што вели, не видела ниту еден од верските лидери да излезе со поддршка.

„Демократско право како и на секој да излегува на протест. Како некоја која е сограѓанка на луѓето коишто ќе одат на тој протест, јас само би кажала се надевам дека со иста жар и посветеност ќе се борат и за други прашања и ќе ги потсетам дека пред само неколку недели, две ако не се лажам, лицата со попреченост кампуваа пред Владата. Јас седев со нив три вечери и не видов ниту еден од верските лидери да дојде и да даде поддршка, а слушнав хорор-приказни за тоа како е да се живее со попреченост и со примања од 5 000 денари месечно. И во таа смисла ги повикувам веќе наредниот ден да излезат и на друга тема“,

рече Цветковиќ за „360 степени“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Пригожин го ослабе Путин и си направи беља за цел живот

Следно

Рама предлага меѓународна конференција за решавање на тензиите меѓу Белград и Приштина 

Latest from Blog