(ВИДЕО) Непотизам во Сојузот на глуви: ДКСК води предмет, Владата не сака да се меша

June 8, 2023
5 mins read

Непотизмот во Националниот сојуз на глуви и наглуви за што објавивме во претходната емисија е под лупа на Државната комисија за спречување на корупцијата. Од Владата остануваат на ставот дека не можат да се мешаат во внатрешните состојби на Сојузот иако тој се финансира со јавни пари, со што не се согласуваат познавачи на темата. Погледнете го видеото во продолжение

Понеделник, 29 мај. Во просториите на „Даре Џамбаз“ во Скопје, Националниот сојуз на глуви и наглуви промовираше пилот-проект за дигитален толкувач. На настанот се појавија и тројца владини функционери, од кои прв дојде заменик- министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин. Потоа, министерот за здравство Фатмир Меџити, па министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Со распоредот на бината, министрите „го разбија“ семејството на чело на Сојузот, состојба за која објавивме во претходната емисија.

Првиот од лево, Томица Стојановски – претседател на Националниот сојуз на глуви е татко на Лиза Велкоска – генерална секретарка на истиот Сојуз. Модераторка на настанот, пак, беше секретарката на скопското здружение на глуви, инаку старосватица на генералната секретарка од Националниот сојуз.

Настанот без многу публика заврши за околу два часа. Министерот за здравство експресно замина, а останатите функционери на излегување успеавме да ги прашаме дали знаат со кого застанаа на сцена.

360°: На чело на Сојузот се татко, ќерка, а модераторка беше нивната старосватица. Ова е чист непотизам, како го коментирате вие?

Јас тоа го слушнав сега на самиот настан, ама за ова што кажувате дека е непотизам тоа е веќе работа на Националниот сојуз.

360°: Тоа е работа за која сме критикувани од цела меѓународна заедница.

Добро, се надевам дека ќе се надминат тие проблеми.

360°: А, тие се финансираат и од буџетот.

Наравно, се финансираат од буџетот согласно со проекти што се приложуваат до министерството, а, во врска со ова што го кажавте, тоа е веќе интерна, нивна работа, што се надевам дека ќе најдат начин како да го надминат и да не постои непотизам, не само кај нив, туку во секоја една институција“,

ни одговори заменик- министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин.

Слично размислува и министерот Спасовски.

Националниот сојуз, здруженијaта на граѓани итн. сето тоа е работа којашто самите си избираат раководство и тука институциите не можат и не треба да учествуваат, ниту да се вмешуваат кој, како и на кој начин ќе ги вршат изборите тие.

360°: Но, дали го оправдувате?

Ние можеме да се согласуваме или да не се согласуваме со изборот. Можеме да се согласуваме или да не се согласуваме со работата, меѓутоа, на ниту една институција не може да биде основа за да се меша во работите на овие. Тоа се интерни работи“,

рече министерот за внатрешни работи.

За време на коктелот се обидовме да ја прашаме секретарката на скопското здружение на глуви и наглуви дали го препознава судирот на интереси.

360°: Дали гледате проблем тоа што сте старосватица на генералната секретарка?

Вака сега, дали мора тоа сега да го направам? Да одговарам на прашања.

360°: А, дали сакате да се договориме за друг термин?

Да, сакам.

360°: На пример утре.

Дали може во среда? Не во среда, во четврток.

360°: Во колку часот и каде?

Во Здружението на глуви и наглуви, во 10 часот. Може?

360°: Може.

Ви благодарам“,

ни одговори Анка Митревски.

Во меѓувреме, секретарката се предомисли и по телефон ни рече дека не сака да говори во камера. Одговор ни прати преку вајбер. Вели дека и самата е дете на глуви лица и мајка на дете со оштетен слух, како и дека се вработила преку регуларен конкурс.

Моето вработување во Здружението е независно од Националниот сојуз на глуви и наглуви. Беше објавен оглас за вработување од страна на здружението на Град Скопје со дадени критериуми. Јас бев единствено лице пријавена на тој оглас. Поради тоа рокот се продолжи уште 5 дена. Огласот беше јавен. Собранието на Здружението по разгледување на апликацијата донесе одлука за моето вработување“,

се вели во одговорот на Анка Митревски.

Дополнително, вели дека помогнала секому колку што можела.

Сметам дека глувите лица кои укажале и пријавиле кај Вас, но и оние кои го делат нивното мислење дека ова е пречка во прогресот и напредокот на Здружението, би било добро да ги препратите овде и заедно да работиме на напредокот на здружението. Затоа што заеднички сме засегнати за подобрување на условите“,

порача таа.

„360 степени“ минатата недела објави три сведоштва на глуви лица, кои анонимно и крајно претпазливо посведочија дека во раководните тела на Сојузот, како: претседател, генсек, Собрание, Извршен одбор, па и во раководството на фолклорното здружение формирано од Сојузот, владее непотизам. Сојузот има околу 7 000 членови и секоја година добива 160 000 евра од државата. Зошто токму една фамилија и нејзини блиски треба да доминираат во раководните органи, во претходната сторија ја прашавме лично генералната секретарка Лиза Велкоска.

360°: Вие сте генерална секретарка на Сoјузот каде вашиот татко е претседател, кумот ви е член, старосватицата е дел од општинската организација на Град Скопје. Како го коментирате ова?

Вака сега. Јас сум во Сојузот вработена уште од далечната 2013. Јас поточно не сум вработена јас во Сојузот, како што велите вие нели, заедно со таткото.

360°: Сте дел од Сојузот сите.

Така.

Јас сум вработена во Советот на инвалидски организации, скратено НСИОМ, тоа е апсолутно посебна организација, каде што таму имам договор за вработување со трето лице“,

кажа во претходната сторија Лиза Велкоска.

Пријави, освен до нашата редакција, претходно стигнале и до Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде нѐ информираа дека работат на два предметa поврзани со Националниот сојуз на глуви. Едниот е при крај, а се работи по пријава за финансиски злоупотреби во Сојузот за 2019 година. Вториот, пак, e пријава дирекно за непотизам и алармирано е годинава.

Во ДКСК, во Одделението за спречување судир на интереси и лобирање, е оформен предмет по поднесена пријава со наводи за непотизам, судир на интереси, нетранспарентно работење и злоупотреби во Националниот сојуз на глуви и наглуви. Постапувањето и по овој предмет е во тек и сѐ уште не е донесена одлука од страна на ДКСК“,

ни одговорија оттаму.

Во меѓувреме, и Министерството за труд и социјална политика најави дека нивна финансиска комисија ќе го испита работењето на Сојузот. Ресорната министерка Јована Тренчевска во претходниот прилог го кажа истото што сега го коментираа другите нејзини колеги – дека Владата не би смеела да се меша во работењата на сојузите иако добиваат државни пари. Но, дали е навистина така?

Државата и не треба да се меша во работата на здруженијата, меѓутоа тоа не значи дека не може да побара отчет за средствата коишто ги дава, посебно бидејќи зборуваме за јавни пари, пари од даноците и транспарентноста и отчетноста овде мора да бидат загарантирани, односно граѓаните да знаат каде и за што се потрошени тие пари, затоа што, повторно ќе кажам, зборуваме за јавни пари, пари на граѓаните, не се тоа приватни средства.

360°: Сојузите реферираат финансиски извештаи, меѓутоа, никој не се меша каква програма имаат.

Да, тоа е другиот дел. И самата држава може да се погрижи малку да ги зајакне капацитетите на тие организации за соодветно да ги планираат своите средства, но исто така и да ги потсети дека мора да имаат и некои внатрешни правила, внатрешни процедури, како ги регулираат односите меѓу нив“,

вели Невенка Лонгурова Гирова од Фондацијата за развој на локалната заедница.

Лонгурова-Гирова вели дека во ваквите организации демократските процеси не се на завидно ниво и дека незадоволство има во речиси сите сојузи. Тоа, пак, резултира со расцепкување на членството во помали групи и посебни здруженија. А, наместо да се делат, би можело да се реорганизираат, вели таа.

„Ја погледнавме веб-страницата, секако дека недостасуваат многу клучни информации, финансиски извештаи, наративни, не е ажурирана очигледно и овие внатрешни политики нивни се непознати. Меѓутоа, самото Собрание може да даде некој вид иницијатива или самите организации членки што се основачи на Сојузот да реагираат, да ги побараат тие документи и, евентуално, доколку се согласат, да ги ревидираат, не знаеме која е потребата. Тие сами ќе треба  да си направат внатрешна самоевалуација, самопроцена, за да видат каде им се недостатоците и да се потрудат со текот на времето едно по едно да ги отклонат“,

вели таа.

Националниот сојуз на глуви и наглуви, се чини, е далеку од тој пат.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Емерсон стана првиот играч во историјата кој освоил пет различни натпреварувања на УЕФА

Следно

Се намалува нивото на водата за ладење на реакторот на централата „Запорожје“, предупредува шефот на МААЕ

Latest from Blog

Гаши: Ќе се обидеме да ја смениме формулацијата 20 проценти за албанскиот јазик

Претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека „ќе се обидат да ја променат формулацијата  „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“ и истакнува дека тоа е прашање на

Новиот Управен одбор на АЕК ќе ја стопира одлуката за покачување на платите за 20 проценти, најави Мицкоски

Новото раководство, односно новиот Управен одбор на Агенцијата за електронски комуникации ќе ја стопира одлуката за покачување на расходите за бруто плати за 20 проценти во АЕК, истакна премиерот Христијан Мицкоски во

Јонуз за КУРИР: СДСМ со ваква постава не може ни на мали голчиња да го тепа ВМРО-ДПМНЕ, а камоли на избори

Со ваква постава СДСМ не може да го тепа ВМРО-ДПМНЕ на мали голчиња во фудбал, а камоли на избори. Вака аналитичарот Агим Јонуз за КУРИР го кометира новоизбраното раководство на опозициската СДСМ.

Над 1.300 камери ќе бидат поставени на улиците во Атина за да „ловат“ сообраќајни прекршоци

Преку безбедносни камери поставени на улиците во областа Атика, поширокиот регион на Атина, ќе се следат и ќе се „ловат“ сообраќајните прекршоци во грчката метропола, а планирано е воведување и на дигитален
Go toTop