Роуан Аткинсон: Сакам електрични коли, ама, малку ко да сум измамен

June 4, 2023
3 mins read

Електротехниката е тема за која би требало да знам нешто. Мојата прва универзитетска диплома беше електро-машинство и електронско инженерство, а потоа и магистрирав на контролни системи.  Комбинирајте ја оваа, можеби изненадувачка, академска патека со мојата доживотна страст за автомобили, и можете да видите зошто рано ги прифатив електричните возила. Мојот прв хибрид го купив пред 18 години а  мојот прв чист електричен автомобил пред девет години (и покрај нашата лоша инфраструктура за полнење) и многу уживав во двата. Електричните возила можеби се малку бездушни, но се прекрасни механизми: брзи, тивки и, до неодамна, многу евтини за возење.

Но, сè повеќе се чувствувам малку измамено. Кога ќе почнете да истражувате во фактите, се чини дека електричните коли не се еколошкото решение како што се тврди.

Како што можеби знаете, владата предложи забрана за продажба на нови бензински и дизел автомобили од 2030 година. Проблемот со иницијативата е што се заснова на заклучоци извлечени само од еден дел на автомобилот: ауспухот. Електричните автомобили, се разбира, имаат нула емисија на издувни гасови, што е добредојдено, особено во однос на квалитетот на воздухот во центрите на градовите.

Но, ако малку одзумирате и ја погледнете поголема слика која го вклучува и производството на автомобилот, ситуацијата е многу поинаква.

Пред климатската конференција во Глазгов во 2021 година, Волво објави бројки со кои се тврди дека емисиите на стакленички гасови за време на производството на електричен автомобил се за 70% повисоки отколку кога се произведува бензинец. Како тоа? Проблемот лежи во литиум-јонските батерии кои во моментов се вградени во речиси сите електрични возила: тие се апсурдно тешки и за нивно производство се потребни многу ретки метали и огромни количини енергија. А траат само околу 10 години. Се чини дека тоа е перверзен избор на хардвер со кој колите треба да се борат против климатската криза.

Очекувано, се вложуваат големи напори за да се најде нешто подобро. Се развиваат нови, таканаречени solid-state батерии, кои треба да се полнат побрзо и би можеле да тежат само една третина од сегашните – но од нивна продажба нè делат неколку години, до кога ќе се направат милиони електрични автомобили со прекумерно тешки и брзо застарени батерии.

Водородот се појавува како интересно алтернативно гориво, иако бавно се развива вистински „зелен“ начин на неговото производство. Може да се користи на два начини. Може да напојува водородна ќелии (во суштина, еден вид батерија); Тојота вложи многу пари во нивен развој. Таквиот систем тежи половина од еквивалентна литиум-јонска батерија и автомобилот може да се наполни со водород на бензинска пумпа исто толку брзо како со бензин.

Ако литиум-јонската батерија е несовршено решение за коли, за камиони па ич (поради тежината). За такви возила водородот може да се вбризгува директно во нов вид мотор со клипови. JCB, компанијата која произведува жолти кранови, направи огромен напредок со водородните мотори и се надева дека ќе ги пушти во производство следните неколку години. Ако водородот победи во трката за напојување на камиони – и како резултат на тоа го има секоја бензинска станица – може да биде популарен и достапен избор и за автомобили.

Но, ајде да одзумираме уште повеќе и да го разгледаме целиот животен циклус на автомобилот.

Најголемиот проблем што треба да го решиме во односот на општеството кон автомобилот е културата на продажба на „брза мода“, која е комерцијален образец на автомобилската индустрија со децении. Во моментов, во просек нашите нови автомобили ги возиме само три години пред да ги продадеме, водени од сеприсутниот модел на тригодишен лизинг. Се чини дека ова е безобразно расипничко трошење на природните ресурси на планетава, кога ќе размислите во каква одлична состојба се наоѓа автомобил стар три години. Кога бев дете, секој автомобил што беше стар пет години беше кофа од ‘рѓа и на половина пат до отпад. Не е веќе така. Сега можете да направите автомобил за 15.000 фунти, кој со грижа и љубов, ќе трае 30 години. Отрезнувачки е да се помисли дека ако сопствениците на нови автомобили ги чуваат пет наместо три, производството на автомобили и емисиите на CO2 значително би се намалиле. А ние и натаму би уживале во истата мобилност, возејќи само малку постари коли.

Исто така треба да признаеме каква огромна предност имаме во автомобилите што моментално постојат (речиси 1,5 милијарди во светот). Во однос на производството, овие автомобили веќе ги имаат платено своите еколошки такси и, иако е разумно да ја намалиме нашата зависност од нив, треба внимателно да се разгледаат начините за нивно задржување додека се намалува нивното загадувачко дејство. Како што еднаш ми рече еден екологист, ако навистина ти треба кола, купи си стара и користи ја што помалку.

Разумно би било да се забрза развојот на синтетичко гориво. Како прво, еко проблемот со бензинскиот мотор е бензинот, а не моторот и, второ, нема ништо во нафтата што не може да се реплицира на други начини. Формула 1 ќе користи синтетичко гориво од 2026 година. Има многу верзии на идејата; германската автомобилска компанија Порше развива гориво во Чиле користејќи ветер за напојување на процес чии главни состојки се вода и јаглерод диоксид. Со поинтензивен развој, тоа гориво би требало да е употребливо во сите автомобили со бензински мотори, со што тие практично би станале CO2 неутрални.

Сè повеќе чувствувам дека нашиот меден месец со електричните коли се ближи кон крајот, и тоа не е лоша работа: сфаќаме дека треба да се истражи поширок опсег на опции. Треба да продолжиме да развиваме водород, како и синтетички горива за да се спасиме од отпад на постарите автомобили кои имаат уште многу да дадат, а истовремено да се промовира поинаков бизнис модел за автомобилската индустрија во кој ги чуваме нашите нови возила подолго, признавајќи ја нивната занемарена долговечност.

Како фан на коли, пријатели со еколошка совест често ме прашуваат дали треба да купат електричен автомобил. Им викам дека ако возат стар дизел и многу вртат по град, треба да размислат за промена. Но, инаку, не брзајте. Електричниот погон еден ден ќе биде вистинска глобална еколошка придобивка, но тој ден допрва треба да осамне.

Роуан Аткинсон, во Гардијан.

ИЗВОР: off.net.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Зеленски: „Од почетокот на војната се убиени најмалку 500 деца во Украина“

Следно

Во свлечиште во Кина загинаа 14 лица, 5 се водат за исчезнати

Latest from Blog

Ласовска: Да ги фрлиме белите ракавици, да се објават јавно оние луѓе кои го попречуваат владеењето на правото

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, на седницата посветена за пратенички прашања, постави две прашања, од кои првото се однесуваше кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и второто до министерот за

Британец доби кривична пријава за „компјутерска измама“

СВР Штип поднесе кривична пријава против K.K.K. од Обединетото Кралство Велика Британија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „компјутерска измама“. Пријавениот, на 22.02.2022 преку е-маил порака до правно лице

Сиљановска Давкова: Ако дозволиме ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со него

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска од Подгорица, каде е во официјална посета коментирајќи ја вчерашната изјава на новоизбраната еврокомесарка за проширување Марта Кос истакна дека и забележува на дикцијата во однос на

Мицкоски до Битиќи: Заврши времето „како до сега“ каде некои од инвеститори имале привилегии поради интерес на одредени политички моќници

„Што се однесува до Костал и до останатите кои ги споменавте Епсотех и Брејнчајлд и слично, мислам дека сопствениците не го споделуваат истото искуство и не го имаат истото чувство што го

Операција „Адмирал“: Разоткриена измама со ДДВ во ЕУ од 2,9 милијарди евра

Европското јавно обвинителство откри голема криминална група која  која преку измама со ДДВ предизвикала штета во висина од 2,9 милијарди евра. Истрагата, која почнала во ноември 2022 година, утврдила дека осомничените користеле
Go toTop