„Претседателе кога ќе биде оставката“, „АВ не сакам да живеам под твоја дијагноза, оди си“, „Ова е за нашите деца, не за политичарите“, „Српската пролет не може да биде запрена“, се дел од пораките што граѓаните кои излегоа на протестот „Србија против насилството“ вечерва ги оставија пред зградата на претседателството на Србија на Адриќеев венец.
Десетиците илјади граѓани кои вечерва излегоа на петтиот по ред протест „Србија поротив насилството“, кој започна пред зградата на српскиот парламент, по прошетката низ белградските улици, направија прстен околу зградата на претседателството извикувајќи „Вучиќ оди си“ и „Оставка, оставка“.
Таму беа поставени штандови на кои граѓаните можеа да напишат пораки до претседателот Александар Вучиќ, што голем дел од нив и го сторија, пренесуваат српските медиуми.
Протестот, како што беше и најавено, заврши околу 21 часот, а организаторите најавија нов за следната недела.
За потсетување, протестите „Србија против наилството“ се одржуваат од 8 мај, а повод за собирите на граѓаните се двете масовни убиства кои се случија во Србија – првото на 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“ и второто, ден подоцна во селата Дубона и Мало Орашје, кај Младеновац. Во трагедиите животите ги загубија 18 лица, а повеќе беа ранети.
На вечерашниот протест пред насобраните граѓани се обратија повеќе актери, новинари, водители, меѓу кои и прославените актери Драган Бјелогрлиќ, Хаџи Ненад Маричиќ, актерката Светлана Бојковиќ и телевизиските водители Зоран Кесиќ и Иван Ивановиќ.
„…Ние сме им должни на децата од ‘Рибникар’. Ним им должиме правда и мир. Им должиме сѐ што не можевме да им дадеме во текот на животот. И ние треба да го платиме тој долг кон нив, кон секое дете во оваа земја и конечно кон нас самите. Денес ве повикувам да дојдете во оваа фаза. Ти припаѓаш овде. Тука сум да ве поддржам и да ве охрабрам да истраете. Затоа што, запомнете, Србија не е малку и ваша, таа е ваша“,
низ солзи рече Бјелогрлиќ.
Актерката Светлана Бојковиќ од говорницата рече дека масовните пукања се „рана за целото општество“.
„Во што се претвори нашето општество денес? Се претвори во општество кое постојано го поттикнува манифестирањето на темната страна на човековата природа, наместо да инспирира. Се претвори во општество во кое вештите, вредните се маргинализирани, а на нивните места се поставуваат недоволно образованите, неквалификуваните и неспособните“,
рече Бојковиќ, пренесе „Нова.рс“.
Граѓаните кои протестираа бараат оставка од министерката за полиција Братислава Гашиќ и од директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин.
Тие бараат и смена на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го прекршуваат новинарскиот кодекс и одземање на националните фреквенции на телевизиите „Пинк“ и „Хепи“.
Брнабиќ: Протестот против насилството промовира насилство
Властите засега ги игнорираат повеќето барања. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ вечерва на Твитер оцени дека протестот против насилството „промовира насилство“, објавувајќи фотографија на која се гледа „обесена“ кукла со ликот на Вучиќ.
Истата фотографија со слична порака ја објави и пратеничката на владејачката Српска напредна партија (СНС) Сандра Божиќ.
На протестот се случил и инцидент во кое едно лице било физички нападнато, пренесоа српските медиуми.
Организаторите на протестот го осудија инцидентот и соопштија дека лесно бил повреден странски државјанин, кој бил нападнат со шлаканци од страна на припадници на десничарски групи. На инцидентот присуствувал и Дамјан Кнежевиќ, еден од водачите на екстремно десничарската група „Народна патрола“, наведува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Извор: 360stepeni.mk