Руските вооружени сили извршиле напади врз фабриките на тутунските компании „Филип Морис“ во Харков, во североисточна Украина, и „Бритиш – aмерикан тобако“ во градот Прилуки, во Черниговската област, соопшти руското Министерство за одбрана.
Во објава на Телеграм, руското Министерство наведува дека капацитетите на фабриката на „Филип Морис“ биле користени за производство на муниција за украинската армија. Украинските власти сè уште не ги коментирале тврдењата на Москва за нападот.
Нападот врз фабриката на „Бритиш – американ тобако“ во Прилуки бил извршен со борбени дронови, соопшти компанијата.
Во нападот нема загинати или повредени, но во фабриката избувнал пожар. Украинската телевизија подоцна објави на Телеграм фотографија од оштетениот производствен капацитет.
Ова е втор напад врз фабрикат на „Бритиш – aмерикан тобако“. По претходниот руски напад, во почетокот на септември, производството во фабриката беше привремено прекинато.
Во меѓувреме, обвинителството во Харковската област соопшти дека 11 лица, меѓу кои и две деца, биле повредени при руски ракетен напад. Оштетени се поштенска филијала, продавници и автомобили.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека руски дрон погодил медицинска установа. При нападот биле искршени прозорците, но нема повредени.
Извор: nezavisen.mk
Целиот текст прочитајте го тука

