Градот Ел Сегундо соопшти дека рафинеријата спровела безбедносно палење на вишокот гас, што е стандардна процедура за време на прекини во производството, вклучително и земјотреси, објави „Калифорнија пост“.
Во инцидентот не се пријавени повредени или поголеми штети.
Големите пламени и густиот црн чад што се појавија во близина на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес (LAX) предизвикаа загриженост кај жителите и патниците.
Пламените се појавија неколку секунди по земјотресот, кој беше регистриран околу 9:30 часот по локално време.
Според „Шеврон“, опремата во рафинеријата автоматски се исклучува за време на прекини во производството, вклучително и земјотреси, а вишокот гас се насочува кон контролирани системи за согорување.
Рафинеријата Ел Сегундо снабдува околу 20 проценти од пазарот на автомобилско гориво во Јужна Калифорнија и околу 40 проценти од горивото за авиони во регионот.
Снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи покажаа огромни пламени јазици и густ столб од црн чад, видлив од околните населби и аеродромот.
Земјотресот со јачина од 5,0 степени по Рихтер го погоди Тихиот Океан околу четири милји југозападно од Менхетен Бич на длабочина од околу седум милји, соопшти Американскиот геолошки завод (USGS).
Повеќе од 13.000 луѓе пријавиле дека го почувствувале земјотресот, а најмалку 19 последователни потреси се регистрирани во следните 45 минути, вклучувајќи еден со јачина од 3,7 степени.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека нема извештаи за поголеми штети и ги повика жителите да бидат внимателни поради можни последователни потреси.
Службениците на Менхетен Бич изјавија дека нема закана од цунами.
Извор: vecer.mk

