Руските власти го уапсија генерал-полковникот Јуриј Грехов, заменик-главен командант на руските Воздухопловно-вселенски сили, под обвинение за примање поткуп во особено големи размери, објави руската агенција РБК, повикувајќи се на два извора во безбедносните структури.
Грехов е обвинет според член 290, став 6 од рускиот Кривичен законик, кој се однесува на „примање поткуп во особено голем износ“. Според информациите објавени од руските медиуми, генералот не ја признава вината.
На 25 ноември, 235. гарнизонски воен суд во Москва му одредил притвор во траење од два месеца. Одлуката била донесена на барање на Главната воена истражна управа при Истражниот комитет на Русија.
Првичната информација за приведувањето ја објави весникот „Комерсант“, повикувајќи се на податоци од судот. Во тој извештај не беа наведени причините за апсењето, ниту деталите за сомневањата против високиот воен офицер. Информацијата за обвинението за поткуп се појави во дополнителните извештаи на РБК.
Грехов од 2021 година ја извршува функцијата заменик-главен командант на Воздухопловно-вселенските сили. Грехов бил одговорен за опремувањето на воените единици со вооружување и воена техника. Станува збор за висока командна позиција во структурата на руската армија, која ги опфаќа военото воздухопловство, противвоздушната и противракетната одбрана, како и вселенските сили.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека нема информации за апсењето на генералот. Засега нема јавно соопштени детали за конкретниот случај на наводно примање поткуп, ниту за висината на сумата што му се става на товар.
Корупциските истраги против високи функционери во руското Министерство за одбрана и воениот врв особено се интензивираа по смената на Сергеј Шојгу од функцијата министер за одбрана во мај 2024 година. Меѓу последните случаи е и оној на Руслан Цаликов, поранешен прв заменик-министер за одбрана, кој во ноември 2026 година беше осуден на 10 години затвор за проневера, перење пари и примање поткуп.
Извор: vecer.mk




