Општина Бутел започна со засилени инспекциски контроли на целата своја територија, во координација со инспекциските служби на Град Скопје и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Веста ја соопшти градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, преку објава на Фејсбук, посочувајќи дека целта на акцијата е откривање и санкционирање на прекршувањата на законските прописи.
Според Костовски, под засилен инспекциски надзор се ставени повеќе објекти за кои постојат сомнежи дека работат спротивно на законот. Инспекторите вршат проверки на градежната документација, законитоста на изградените и доградените делови од објектите, дозволите за поставување и користење тераси, како и почитувањето на останатите законски обврски.
Паралелно, се спроведуваат и засилени сообраќајни контроли, при што се изрекуваат казни за непрописно паркирани возила на пешачки премини, велосипедски патеки и зелени површини.
Градоначалникот Костовски најави дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел воспоставување ред, зголемување на безбедноста и почитување на законите.
„Во Општина Бутел нема селективност во спроведувањето на законите. Редот и законитоста се обврска за сите граѓани“, истакнува Костовски во својата објава.

