Македонија три децении зависела од само еден правец за снабдување со природен гас, а новите поврзувања со соседите треба да ја намалат таа зависност, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на Седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава.
„Енергетската безбедност не може да се гради изолирано, потребни се нови поврзувања, алтернативи и силна регионална соработка“, истакна Божиновска на панелот посветен на европската енергетска безбедност.
Според министерката, изградбата на гасниот интерконектор со Грција напредува, а се работи и на гасното поврзување со Србија и на електроенергетскиот интерконектор со Албанија. Како дополнителен чекор за посигурно снабдување го посочи повторното ставање во функција на продуктоводот со Грција по 12 години.
На панелот Божиновска се осврна и на заштитата на критичната енергетска инфраструктура. Таа нагласи дека планирањето на новите капацитети треба да ги опфати сајбербезбедноста, заштитата од закани со дронови и обезбедувањето резервни системи.
Во разговорите биле посочени и долгите рокови за набавка на енергетска опрема, кои влијаат врз динамиката на новите проекти. Божиновска порача дека државата треба да обезбеди јасни правила за инвеститорите и да ја заштити инфраструктурата од која зависат граѓаните и стопанството.

