Продлабочувањето на економската соработка и привлекувањето нови инвестиции беа во фокусот на средбите во Германија, на кои министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше како дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
Во Дизелдорф, делегацијата остварила средба со премиерот на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст. Според Божиновска, разговорите биле посветени на можностите за унапредување на билатералната соработка и зајакнување на економските врски.
Во рамките на посетата, владината делегација ја посетила и германската компанија „Гересхајмер“. Божиновска ја издвои компанијата како значаен пример за успешна германска инвестиција во Македонија, преку нејзините вложувања и производствени капацитети.
„Продолжуваме да градиме силни меѓународни партнерства, да отвораме нови можности за инвестиции и да придонесуваме кон економскиот развој на Македонија“, порача министерката.

