Унапредувањето на управувањето со отпадот, можностите за нови инвестиции и користењето меѓународни фондови беа теми на работната средба на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, со шведскиот амбасадор Ола Сулстром, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска и претставник на шведската асоцијација SALAR.
Проданоски истакна дека досегашното партнерство веќе придонесува за подобрување на системот за селекција, собирање и третман на отпадот во Прилеп. Поддршката опфаќа развој на инфраструктурата и јакнење на оперативните капацитети на јавните претпријатија, вклучително и модернизација на возниот парк и опремата.
„Тоа се чекори со кои градиме поефикасни комунални услуги и повисоки стандарди за заштита на животната средина“, нагласи градоначалникот.
Во рамките на посетата, делегацијата ги разгледа објектот за селекција на отпад и новото собирно место за текстилен и електронски отпад. Според Проданоски, овие инвестиции се дел од воспоставувањето пофункционален систем, со амбиција Прилеп да биде пример и за другите општини.
На средбата се разговарало и за обезбедување дополнителни финансиски средства и подготовка на проекти за локалната инфраструктура и јавните услуги.
Проданоски посочи дека значаен дел од соработката е и размената на знаење, искуства и европски практики што се применуваат во работењето на општината и јавните претпријатија.
„Токму таквата соработка создава основа за трајни промени и подобри услуги за граѓаните“, порача тој.
Посетата опфати и запознавање со културното и историското наследство на Прилеп, преку манастирот „Трескавец“ и Музејот на тутунот.
Градоначалникот упати благодарност до Амбасадата на Шведска, SALAR и Министерството за животна средина и просторно планирање за досегашната поддршка и партнерството.

