ЕУ отвора пат за 46 стратешки проекти за критични суровини – каде е Македонија во европската трка за бакар?

October 13, 2026
2 mins read

Европската Унија дефинираше 46 стратешки проекти за критични суровини, со цел да ги развива различните фази од нивниот синџир на снабдување. Бакарот е меѓу најзастапените суровини во пакетот: 19 проекти го вклучуваат овој метал, кој има значајна улога во европските индустриски и инфраструктурни приоритети.

Проектите опфаќаат осум активности за ископ, 11 за преработка и 19 за рециклирање, како и осум интегрирани проекти. За нив се предвидени механизми за финансирање со европски средства и забрзани постапки за издавање дозволи согласно Актот на ЕУ за критични суровини.

Во овој контекст, Македонија има сопствени минерални ресурси, но сè уште не е активно вклучена во европската трка за критични суровини преку проект како „Иловица-Штука“, еден од најнапредните домашни проекти за бакар и злато.

Проектот неодамна беше критикуван од дел од активистите на јавната расправа за нацртот на Просторниот план. Наспроти овие критики, иницијативата „И Здравје и Работа“ порача дека односот кон рударството треба да се заснова на аргументирана анализа, а не на политички пароли.

„Кога дебатата за рударството се сведува на политички пароли и категорично отфрлање на нови инвестиции, без сериозно разгледување на фактите, државата ризикува да се откаже од развојни можности, а граѓаните од потенцијални работни места и економски перспективи“, истакнаа од иницијативата.

Европскиот пакет покажува дека Унијата пристапува кон критичните суровини преку комбинација од ископ, преработка и рециклирање. За Македонија, предизвикот е да го процени сопствениот потенцијал и да утврди дали и под кои услови домашните проекти можат да придонесат кон индустрискиот развој, со почитување на законските процедури и заштитата на животната средина.

„Комисијата ги оцени тие пријави во однос на нивниот придонес кон безбедноста на снабдувањето на Унијата со стратешки суровини, техничката изводливост, одржливото спроведување и прекуграничните придобивки“, соопштија од ЕК.

Во проектите доминира бакарот. Овој метал ќе се експлоатира од рудници во Грција (проектот „Скуриес“), Шпанија (проектот „Кобре Сан Рафаел“), Финска (проектот „Суханко“ и проектот за рудникот „Хауталампи“), Полска ( проектот за рудник „Ретков-Гродишче“) и Шведска (проектот за рудник „Вискарија“). Бакар ќе се преработува и во Бугарија (проект Пирдоп) и Белгија (проект OREON), а ќе се рециклира во уште единаесет постројки во Полска, Италија, Германија, Грција, Белгија и Холандија.

„Со овој втор бран на стратешки проекти, Европа ги засилува своите напори како никогаш досега за да ја врати својата сувереност над критичните суровини. Ги користиме сите расположливи средства за отворање на рудници, развивање на нашите капацитети за преработка и рециклирање и обезбедување на нашите синџири на снабдување. Нашиот пристап е едноставен: намалување на зависноста и зголемување на производството во Европа. Ги имаме ресурсите, проектите и финансиските средства – сега го забрзуваме темпото“, изјави Стефан Сежурне, извршен потпретседател на ЕК за индустриска стратегија.

Македонија се очекува да препознава стратешки проекти во рударството по усвојувањето на најавените нови закони за рударство и за геологија, кои предвидуваат и Листа на критични минерали. Претходно од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информирајќи за усвоената Стратегија за минерални суровини 2026-2046,  истакнаа дека Македонија располага со разновиден геолошки потенцијал, меѓу кој има олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник.

„Еден од главните приоритети е поголем дел од економската вредност да се создава во земјата. Тоа подразбира поголема поврзаност на рударството со домашното производство, развој на преработувачки и други индустриски капацитети и примена на современи технологии. Паралелно, се поставуваат повисоки стандарди за заштита на животната средина, транспарентност и заштита на јавниот интерес. Стратегијата е усогласена со европските политики, вклучително и Европскиот акт за критични суровини, што создава можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири“, соопштија од Министерството.

Инаку, стратешките проекти на ЕУ утврдени со првиот повик во 2025-тата година веќе напредуваат кон целта да станат оперативни. Досега, 25 стратешки проекти ја завршиле проценката на влијанието врз животната средина, а 17 добиле градежна дозвола, благодарение на постоењето на единствени контакт-точки во земјите на Унијата кои помагаат да се забрзаат постапките за издавање дозволи.

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Општина Битола: Електронско јавно наддавање за закуп на општински простор на Широк Сокак

Latest from Blog

Општина Битола: Електронско јавно наддавање за закуп на општински простор на Широк Сокак

Предмет на електронското јавно наддавање е давање на деловни простории на ул.„Широк Сокак“ бр.160 Битола, сопственост на Општина Битола.  Увид во урбанистичко планска документација, увид на лице место и увид во сликовен

Трамп: Путин покажува поголема подготвеност за мировен договор отколку Зеленски

Одговарајќи на новинарско прашање за руските напади врз украинската енергетска инфраструктура, и покрај најавениот прекин на огнот, Трамп рече дека ќе ги разгледа информациите, додавајќи дека прекршувања имало „од двете страни“. Запрашан
Go toTop