Северна Македонија се движи кон создавање поповолна инвестициска клима, со поголеми можности за меѓународна соработка, развој на бизнисите и отворање нови работни места, оценува политичката партија ВЛЕН.
Од партијата посочуваат дека економскиот развој треба да се мери преку конкретните можности што им се создаваат на граѓаните и компаниите. Во тој контекст го издвојуваат состанокот на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, со министерот за труд на Државата Катар, д-р Али бин Сами Ал Мари.
На средбата бил потпишан Меморандум за соработка во областа на трудот, со кој, според ВЛЕН, се зајакнува институционалната соработка и се отвора простор за размена на искуства и експертиза во областа на пазарот на трудот.
Паралелно со меѓународната соработка, од ВЛЕН велат дека се забележуваат конкретни активности и на домашен терен. Како примери ги посочуваат инвестициите и проширувањето на компаниите KIEL и Cavo Automatik, вклучително и нивните активности во економската зона во Тетово.
Според партијата, овие инвестиции се показател дека се создаваат подобри услови за развој на индустријата и приватниот сектор.
„ВЛЕН ќе продолжи да работи за подинамична економија, повеќе инвестиции и поквалитетни работни места, создавајќи можности граѓаните својата иднина да ја градат тука, во својата земја“, наведуваат од партијата.
Од ВЛЕН порачуваат дека повеќе инвестиции треба да значат и повеќе работни места и поголема благосостојба за граѓаните.


