Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, информира дека денеска во Прилеп биле одржани средби со претставници од општините Ѓорче Петров, Гази Баба, Илинден и Струмица, кои во рамки на студиска посета на ЈКП „Комуналец“ се запознале со искуствата и практиките на Прилеп во областа на селекцијата и управувањето со отпадот.
Проданоски посочи дека Прилеп во моментов е лидер во државата во однос на примарната селекција на отпад, со 49 проценти од граѓаните кои селектираат отпад во своите домаќинства.
„Тоа е резултат на континуираната работа, вложувањата во инфраструктурата, но пред сè на високата еколошка свест на прилепчани“, истакна Проданоски.
Тој најави дека Општина Прилеп продолжува со инвестиции во современ систем за управување со отпадот. Во план се поставување нови полуподземни контејнери, изградба на нов собирен центар и компостара, како и современа фабрика за секундарна селекција на отпад со капацитет од 10 тони на час.
„Нашата цел е јасна – почист Прилеп, одговорно управување со отпадот и создавање услови за вистинска циркуларна економија“, порача градоначалникот.
Проданоски додаде дека искуството на Општина Прилеп во селекцијата и управувањето со отпадот се споделува со други општини, со цел заеднички да се креираат подобри и поодржливи решенија.
Тој упати благодарност до претставниците на општините за посетата, но и до прилепчани кои, како што нагласи, со секојдневното одговорно однесување придонесуваат за почист и поубав град.


