Последните часови од преодниот рок донесоа неверојатни пресврти, големи трансфери и одлуки што ги оставија многу фанови во неверица. Една таква одлука дојде од “Олд Трафорд“, каде што Манчестер Јунајтед одби понуда што е целосно несфатлива за многумина.
Имено, Евертон се обиде да го доведе Џошуа Циркзе на самиот крај од преодниот рок, откако нивниот планиран трансфер на Фоларин Балогун од Монако пропадна. Циркзе е на списокот на играчи на кои не се смета во Манчестер Јунајтед, а според информациите од Англија, самиот холандски напаѓач бил многу заинтересиран да оди во Евертон. Сепак, она што особено ја изненади јавноста беше понудата што Евертон ја стави на маса. Според мрежата Скај Спортс, клубот од Ливерпул бил подготвен да плати дури 10 милиони фунти за едногодишна позајмица на Циркзе и целосно да ја преземе неговата плата. Манчестер Јунајтед, сепак, рече не. Таа одлука предизвика неверица кај навивачите на англискиот великан, кои веруваат дека клубот имал многу добра можност да заработи сериозни пари на играч кој моментално не е во преден план.
Па така еден фан на социјалните мрежи напиша:
“Овие луѓе се идиоти. 10 милиони за позајмица, а вие рековте не“ Циркзе пристигна во Манчестер Јунајтед од Болоња за околу 36,5 милиони фунти уште во 2024 година, но во меѓувреме не успеа да се етаблира како стандарден член на тимот. Ситуацијата е дополнително комплицирана за него бидејќи, според извештаите од Англија, Бенџамин Шешко, Брајан Мбеумо, Матеус Куња и Маркус Рашфорд моментално се пред него во хиерархијата на напаѓачи, поради што е тешко да се очекува голема минутажа. Евертон, од друга страна, остана во голем проблем. Клубот веќе му дозволи на Бето да замине во Фиорентина за околу 17 милиони фунти, а по неуспешниот трансфер на Балогун и одбивањето на понудата за Циркзе, тренерот Дејвид Мојес моментално има само еден искусен напаѓач на располагање, а тоа е Тиерно Бари.
Извор: vecer.mk


