Заштита на македонските национални интереси, потенцијалот на дипломатско-конзуларни претставништва во делот на економската дипломатија и заштита на граѓаните кои живеат надвор од границите на нашата држава се трите стратешки национални интереси, кои денеска ќе им бидат презентирани на членовите на Амбасадорскиот совет, информираше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Амбасадорскиот совет денес и утре се одржува во Скопје. На него учествуваат шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство, а Муцунски, како и премиерот Христијан Мицкоски, во рамки на првата сесија треба да ги пренесат државните приоритети нашите амбасадори и генерални конзули.
„Прво е заштитата на македонските национални интереси. Второ е користењето на потенцијалот на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во делот на економската дипломатија, но и стимулирање на трговијата, односно извозната компонента на нашата економија. Третата е заштитата на интересите на нашите граѓани надвор од нејзините граници — независно дали се тоа Македонци коишто живеат надвор од нашата држава или се тоа наши граѓани коишто патуваат заради различни причини. И во таа смисла тука зборуваме пред сè за конзуларните услуги и потребата од нивна модернизација, подобри услуги за Македонците надвор од границите на државата“, изјави Муцунски.
Прашан за кои пазари гледа најголем потенцијал, Муцунски со одговор дека нема никаква дилема оти клучен наш пазар за економска соработка се земјите во Европската Унија.
„Тој ни е најзначаен трговски партнер – земјите членки на Европската Унија. Но, еднакво значајно во последниот период и импетусот, којшто го даваме насочен кон засилена трговска соработка со Соединетите Американски Држави. Скоро беше тука во посета претседателката на Индија. Индија исто така е еден значаен пазар. Земјите од Арапскиот Залив се исто така земји со коишто гледаме интерес и гледаме засилена соработка во следниот период. Така што, секако примарна ни е соработката со оние традиционални трговски партнери, но отвораме можности и за нови пазари и тоа се дел од приоритетите на нашите дипломатско-конзуларни претставништва“, рече Муцунски.
Извор: zurnal.mk

