Пожарот што го зафати селото Чаниште и дел од околината во Мариовскиот регион претставува сериозен предизвик, но најважно е што во огнената стихија нема човечки жртви, порача градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
Тој информира дека на терен се ангажирани сите расположливи сили и ресурси за справување со пожарот. Во гаснењето учествуваат екипи на ТППЕ Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување, Универзалната единица од Прилеп, „Македонски шуми“, доброволни противпожарни друштва, како и голем број мештани.
Од Општина Прилеп велат дека, согласно можностите и расположливиот буџет, е обезбедена комплетна логистика, човечки ресурси, храна и вода за сите кои се ангажирани на терен.
Проданоски истовремено упати апел до граѓаните на најголема внимателност, особено во услови на зголемен ризик од пожари.
„Не палете стрништа, ниви, отпад и сува вегетација, не оставајте оган без надзор и бидете крајно внимателни при секое движење и работење во природа“, порача Проданоски.
Тој нагласи дека еден невнимателен момент може да предизвика пожар со огромни последици.
„Ќе продолжиме да бидеме на терен и да ги ставаме на располагање сите ресурси со кои располагаме, но за да го зачуваме нашиот Мариовски регион, потребна е и одговорност од сите нас“, порача градоначалникот.

