Годинава се планира Охридското Езеро да биде порибено со околу 1,6 милиони единки од ендемичниот вид охридска пастрмка, што е за околу 500 илјади повеќе во споредба со минатата година, информираше заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, при посетата на Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Хоџа, заедно со претставниците на Државниот инспекторат за земјоделство, Мирко Укоски и Арбнор Арифи, се запозна со процесот на вештачко размножување на охридската пастрмка и со подготовките за порибување на езерото.
– Охридската пастрмка е едно од најголемите богатства на нашето езеро и нејзината заштита е наша заедничка одговорност – истакна Хоџа.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што беше посочено, ќе продолжи со активностите и со институционалната поддршка за заштита, размножување и зачувување на охридската пастрмка како автохтон вид и едно од најзначајните природни богатства на Охридското Езеро.
Извор: zurnal.mk
