По повод Меѓународниот ден на младите, 12 август, во Прилеп се одржа средба со млади на која отворено се разговараше за нивните идеи, потреби и предизвици.
За средбата информираше Дејан Проданоски, кој истакна дека гласот на младите мора да биде важен дел од секоја приказна поврзана со иднината на градот.
„Младите се енергијата, креативноста и иднината на Прилеп“, порача Проданоски.
Како што наведе, разговорите биле насочени кон тоа што им е потребно на младите, со какви предизвици се соочуваат и какви идеи имаат за подобрување на условите и можностите во градот.
Проданоски нагласи дека ваквите средби се значајни бидејќи овозможуваат директна комуникација и создаваат простор младите да бидат слушнати и активно вклучени во процесите што ја обликуваат иднината на Прилеп.
Тој упати благодарност до Локалниот младински совет за организацијата на настанот, како и до сите млади кои учествувале во средбата.
„Ваквите средби ни покажуваат колку е важно да разговараме, да се слушаме и заедно да создаваме подобри можности за младите во Прилеп“, истакна Проданоски.
Според него, токму активното учество на младите, нивната енергија, идеи и креативност треба да бидат еден од клучните двигатели во понатамошниот развој на градот.
