Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска истакна дека 25 години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, одговорноста е да се зачуваат стекнатите права, да се институционализираат и да се унапредуваат.
На панел-дискусијата посветена на 25-годишнината од договорот, Меџити оцени дека неговите принципи денес треба да се гледаат преку конкретни закони, институции, буџетски средства и инвестиции.
Тој посочи дека правичната и соодветна застапеност се насочува кон законско регулирање, додека употребата на албанскиот јазик, како што рече, е загарантирана со закон и се почитува во државните институции.
Особено внимание Меџити посвети на децентрализацијата и инвестициите во општините. Според него, над 250 милиони евра се издвоени за локални проекти, со што средства добиле Чаир, Тетово, Гостивар, Струга, Сарај, Липково и други општини со значително албанско население.
„За нас, децентрализацијата значи и финансиска моќ за општините – повеќе можности за изградба на патишта, училишта, градинки, водоводи и канализации и самостојно определување на развојните приоритети“, истакна Меџити.
Во својот говор тој ги нагласи и инфраструктурните проекти, особено Коридорот 8, како и изградбата на автопатската делница Скопје–Блаце, која треба дополнително да ја поврзе Северна Македонија со Косово.
Меџити се осврна и на инвестициите во образованието, посочувајќи дека околу 42 милиони евра се вложуваат во новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Според него, напредокот на еднаквоста 25 години по Охридскиот договор треба да биде видлив во секојдневниот живот на граѓаните – преку инвестициите во општините, образованието, инфраструктурата и новите можности за економски развој.
„Правата се посигурни кога се гарантирани со закон и со системот, а не кога зависат од механизми кои можат да се злоупотребат или од политичката волја на кој било субјект“, порача Меџити.
